МИА Општински пул
- МИА Општински пул
2 декември 2025
Кавадарци - Основниот суд Кавадарци го осуди кавадарчанецот Илија Панов на 16 години затвор за убиство на партнерката Сузана.
Во јануари оваа година, МВР соопшти дека жената која беше пронајдена почината од ќерката била убиена, а полицијата го уапси нејзиниот партнер.
Министерството за внатрешни работи тогаш информираше дека расчистено е убиство во Кавадарци, а осомничениот е приведен.
Полициски службеници од ОВР Кавадарци тогаш го лишиле од слобода 42- годишникот Илија Панов.
-Тој се сомничи дека на 22.01.2025 во нејзиниот дом со гушење ја убил неговата партнерка С.С.С.(52) од Кавадарци. Починатата беше пронајдена од нејзината ќерка Д.Т., која веднаш го пријавила настанот во полициска станица. Додека, по преземени мерки од полициски службеници од СВР Велес – ОВР Кавадарци и Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал при МВР и по извршени вештачења и анализи во координација со ОЈО Кавадарци, обезбедени се докази и дојдено е до сознание дека И.П. го сторил делото, информираа од МВР.
Струга - Со пароли „Струга гласно бара правда“, „Лекарот спасува живот, а неправдата го уништува“, „Струга не молчи“, „Не ги осудувајте рацете што спасуваат животи“..., лекари и медицински персонал од струшката болница придружувани од граѓани денеска одржаа мирен протестен марш за поддршка на гинекологот Мухамед Асани на кој му беше изречена три години затворска казна и пет години забрана за вршење дејност за отстранување на три органи на пациентка од Дебар по породување со царски рез.
Маршот почна пред Општата Болница и продолжи до Основниот суд во Струга.
Собирот, како што истакна д-р Илиријана Наџа, е поради неправдата која му е нанесена на докторот, барајќи правда и чесен третман за сите кои секојдневно работар одговорно и со жртва.
- Денес сме собрани овде не поради политика, не поради поделби, туку поради една длабоко човечна и основна кауза, право и достоинство. Овде сме затоа што една неправда кога ќе го погоди еден човек го погодува целиот наш професионален интегритет, а на крајот ја погодува и цела заедница. Денес е тој, утре може да биде секој од нас. Бараме правда и чесен третман за оние кои секојдневно ни служат со одговорност и жртва. Овде сме да кажеме јасно дека нема да дозволиме достоинството на нашиот професионален повик да биде згазена од неправдата, рече Наџа.
Доктор Едмонд Вејсели во името на здравствеите работници изрази загриженост за случајот, во кој како што нагласи, имало јасни и независни насоки од две комисии, едната формирана од Лекарска комора, а другата од Министерство за здравство, дека не е направена медицинска грешка и оти нема професионална одговорност, а одлуките кои ги игнорирале овие експертизи создавале опасен преседан за иднината на професијата.
Битола - Вработени на РЕК Битола денеска почнаа акција за засадување 10.000 садници во атарот на комбинатот.
Од секторот за односи со јавност информираа дека на првиот ден засадени се 1.400 багремови садници, а кацијата се реализирала во близина на депонијата за отпепелување, на патот кон рудникот Брод Гнеотино на местото викано Биљаник.
Акцијата ја реализираа вработени во комбинатот од Секторот заправни и општи работи, а планското пошумување кое неколкупати годишно се спроведува на деградираното земјиште ќе продолжи со засадување на вкупно 10.000 садници.
Согласно временските услови, акцијата ќе се одвива неколку дена и е последната за оваа календарска година, нагласија од РЕК Битола.
Кавадарци - Награди за најквалитетни вина произведени во домашни услови, добија денеска неколкумина средношколци во Кавадарци во рамките на манифестацијата „Младо вино“, што традиционално се одбележува при крајот на секоја година во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во државата.
Директорката на средното земјоделско и шумарско училиште „Ѓорче Петров“, Ратка Росомански потсети дека станува збор за традиционален и многу значаен настан.
- Овој настан е повеќе од училишна манифестација - тој е празник на нашата локална традиција, на семејните вредности и на трудот што го негуваме со генерации. Годинава, учениците донесоа примероци од домашно произведени семејни вина, создадени во нивните семејства, што ја чуваат и пренесуваат лозарската традиција од колено на колено, истакна Росомански.
Таа нагласи дека наградените вина се произведени во домашни услови, а учениците во нив ги вградуваат семејната традиција што од дамнина се негува во овој крај, со знаењата стекнати низ теоретската и практичната настава во училиштето.
Кочани - Екипи од КЈП „Водовод“ и од Општина Кочани деновиве спроведуваат активности за чистење на Кочански Дол, со цел да се реши проблемот со децениското неодржување и нечистење на одводот за атмосферска вода, информира Локалната самоуправа.
Чистењето, се вели во информацијата, се спроведува со механизација, а екипите се соочуваат со сериозни предизвици поради долго време занемарениот одводен систем.
Овој проблем претставува закана од поплави, кои веќе предизвикаа штети во домаќинства на улицата „Браќа Миладинови“, во близина на Општа болница – Кочани.
Прилеп - Откупот на тутунот од годинашнава рeколта се интензивира. Пет од десетте лиценцирани компании ги отворија пунктовите за откуп на годинашнава реколта. Деновиве уште три ќе излезат на теренот со што е зголемен интензитетот на преземањето на родот.
-Со самото отворање на пунктовите на компаниите кои, до четврток, ќе отворат осум од 10-те компании се докажува дека интензитетот и барањето за отворање на пунктовите е зголемен. Така, со тоасе докажува дека и тутунарите се задовони со проценката во прва класа и цената од 420 денари за килограм, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија на Македонија.
Досега се откупени 500 тони по 420 денари. Сојузот инсистира да не се купува по класи, зашто просекот би паднал под ланскиот. Иако трае откупот не се откажуваат од барањето за зголемување на цената на тутунот.
Струмица - Националната Установа „Завод за заштита на спомениците и Музеј Струмица“ со загриженост ја следи новонастанатата состојба на Споменикот на културата лоциран на улицата „Кирил и Методиј“ број 41, позната како Куќата на Хаџитосеви и бара од Управата за заштита на културното наследство да донесе одлука за иземање на конкретниот објект од регистарот на споменици на културата, соопштија од оваа установа.
Овој Споменик на културата е прогласен пред повеќе децении со решение кое неколку пати е дополнувано, а последното дополнување е од 1996 година.
-Решение за прогласување на културно наследство во опасност за овој Споменик е донесено во 2020 година. Од тогаш се направени повеќе обиди да се изнајде начин да се зачува објектот. Постои и проект за заштита од самоурнување. Но, реалниот проблем со кој се соочуваме во работата се законските одредби според кои за секоја активност потребна е согласност од сопствениците на објектот. Во конкретниот случај нема наследници, односно постојат потенцијални наследници, се наведува во соопштението на „Завод и Музеј Струмица“.
Кавадарци - Жител на Бегниште бил приведен поради агресивно однесување кон полициски службеници.
- Полициски службеници од ОВР - Кавадарци во текот на вчерашниот ден го лишија од слобода М.И., на возраст од 49 години од кавадаречкото село Бегниште, затоа што во место викано „Витачево“, кавадаречко, агресивно се однесувал кон нив и ги спречувал во вршењето на службените дејствија. М.И. е приведен во полициска станица, известен е јавен обвинител и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
Од СВР - Велес соопштија и дека утрово во 02:25 часот во ОВР - Неготино, 43-годишниот неготинец Б.П. пријавил дека во казино во градот, по кратка раправија, бил физички нападнат од Г.А., 44-годишно лице, исто така, од овој град.
По документирање на настанот, како што нагласија, против Г.А. ќе биде поднесена соодветна пријава.
Дебар – Градоначалникот на Дебар Фисник Меља заедно со тимот на Општината и координаторите на проектот извршија увид во градежните работи што се изведуваат на три улици во градот, информираа од општинската пресс-служба.
- Овие проекти се дел од нашата заложба за подобрување на локалната инфраструктура, обезбедувајќи висок квалитет на изведбата и почитување на предвидените рокови. За нас, секој метар уредена улица претставува чекор напред кон поврзан, побезбеден и поубав Дебар за живеење, оценил Меља.
Искажал убедување дека многу набрзо работите ќе бидат завршени и улиците ќе бидат ставени во служба на жителите кои, како што рекол, заслужуваат уште повеќе, па како локална власт, ќе продолжат преку разни извори да обезбедуваат средства за реализација на инфраструктурни и други проекти.
Куманово - Опожарен е стан во Куманово, интервенирала и противпожарната единица и полицијата. Како што наведува СВР Куманово, вчера во 18:14 часот во СВР Куманово е пријавено дека на улица „Моша Пијаде“ во Куманово настанал пожар во стан сопственост на В.Ѓ.(58) од Куманово. Од РЦУК Куманово пренесуваат информација дека интервенирале на пожар предизвикан од пукната плинска боца во стан.
- Оштетени се само елементи од кујната, нема повредени луѓе, ТППЕ Куманово интервенирал со едно противпожарно возило и двајца пожарникари, соопшти РЦУК.
Територијалната противпожарна единица Куманово регистрира по неколку пожари годишно во кои има експлозија на плински боци. Во некои случаи не можат да прецизираат дали експлозијата настанала од пожар или пожарот настанал од експлозија на плински боци.