• четврток, 26 февруари 2026
МИА Општински пул

26 февруари 2026 

Струмица - Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски, родната Струмица одбележа 22 години од неговата смрт. 

Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии, институции и здруженија на граѓани со положување цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.

За ликот и делото на претседателот Трајковски говореше градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.

-Борис Трајковски беше човек со длабока христијанска вера, со изразена лична скромност и човечност. И покрај високата функција што ја извршуваше остана близок до народот, достапен и искрен. Ние струмичани тоа најдобро го знаеме. Тој ја претставуваше државата со јасна визија за евроатлантска интеграција со стремеж кон членство во ЕУ и НАТО и со порака дека Македонија припаѓа на семејството на демократскитеи мирољубиви народи, рече Јанков.

Кочани - Неделава во Мултикултурниот центар во Кочани се одржа јавна консултација во врска со Планот за одржлива урбана мобилност за Кочани. 

Присутните имаа можност директно да се запознаат со процесот на планирање, да слушнат стручни мислења, да согледаат колку е важно младите да бидат вклучени во креирањето на иднината на сообраќајот и урбаната мобилност и да го искажат своето мислење во изготвувањето на стратешкиот документ за урбана мобилност. 

Рокот за доставување предлози завршува на 9 март 2026 година. Поднесоците можат да се достават до Едношалтерската канцеларија во Општина Кочани или на е адресата: info@kocani.gov.mk. 

Иницијативата „Развивање на планови за одржлива урбана мобилност за општините Кочани, Кавадарци, Струга, Струмица и Прилеп“ е дел од Проектот за поврзување на локални патишта со поддршка на Меѓународна банка за обнова и развој – Светска банка, Договор на Министерство за транспорт на РСМ со заеднички настап на TRT Transporti e Territorio Srl, Milano (Италија како водечки член) и Bogazici Proje Muhendislik A.S (Турција, како член, консултант).

Охрид - По повод 8 Mарт - Денот на жената, во организација на Националната установа „Охридско лето“ ќе се одржи свечен осмомартовски концерт со настап на гитаристот Дејан Милевски.

Концертот што ќе се одржи на вечерта на 7 март во прекрасната акустика на црквата „Света Софија“ во Охрид со почеток од 20 часот, ќе понуди богата стилска музичка палета, од барокна елеганција, преку романтична лирика, до шпански и латиноамерикански музички колорит, создавајќи свечена атмосфера достојна за одбележување на празникот на жената. Влезот за концертот е слободен.

„Овој концерт претставува музичка честитка за сите жени. Преку убавината на класичната гитара и преку делата кои истовремено носат нежност, страст и сила сакаме да ја пренесеме токму таа симболика. Веруваме дека културата и уметноста се највисоката форма на оддавање почит, а овој концерт е симболичен, но искрен гест на благодарност кон сите жени. „Охридско лето“ останува доследно на својата мисија да создава настани што афирмираат вредности и почит преку врвната уметност“, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Кочани -  Библиотека „Искра“ од Кочани  денеска организира книжевна работилница насловена „Во светот на бајките“, по повод Светскиот ден на раскажувањето бајки.

Работилницата започнува во 10 часот и освен во Кочани, таква активност ќе се одвива и во населбата Оризари.

Во просториите на библиотеката во градот учесници ќе бидат учениците од ООУ „Св. Кирил и Методиј“, а во библиотеката во Оризари, учениците од ООУ „Крсте Петков Мисирков“ од оваа населба. 

Скопје - Поради посетата на албанскиот претседател Бајрам Бегај во скопје денеска, утре и задутре ќе има посебен режим на сообраќај. 

-На 26, 27 и 28.02.2026 година (четврток, петок и сабота), во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува г-дин Бајрам Бегај, претседател на Република Албанија. Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на градот Скопје, информираат од МВР.

СВР Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат униформираните полициски службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот. 

Скопје - Градежната офанзива во општина Илинден започна со активностите за асфалтирање на новоизградената улица „103“ во местото „Јака“ во „Марино“. Оваа улица е во вкупна должина од 512 метри и широчина од шест метри, со тротоари од двете страни на улицата со широчина од 1,5 метри, соопштија денеска од локалната самоуправа.

- Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид и истакна дека по претходно извршеното профилирање и трасирање на улицата, како и стабилизирање на тлото со соодветна стисливост на тампонскиот слој, деновиве се нанесува првиот асфалтен слој на улицата. Воедно, пред започнувањето на овие активности беа реализирани повеќе приклучоци за фекална канализација и водоснабдување на локалните објекти што се наоѓаат долж улицата, информираа од Општината.

Остани поврзан