• среда, 04 март 2026
МИА Општински пул

 2 март 2026 

Пробиштип - Во Општина Пробиштип по 12 пат ќе се одржи манифестацијата „Зелникот на баба“. Раде Илиевски вработен во општина Пробиштип вели дека и годинава се очекува богата културно-уметничка програма, а гости ќе има од целата држава, Србија и од Бугарија. Mанифестацијата е предвидена за 21 март, сабота, а како што вели Илиевски собраните средства од продажбата на зелниците ќе бидат наменети за хуманитарни цели. 

-И годинава има заинтересирани за учество од цела Македонија, а имаме заинтересирани и од Србијаи од Бугарија. Манифестацијата ќе опфати понуда од голем број на специјалитети од тесто со претежно зелници и други изработки од теста. Интересно е што манифстацијата опфаќа натпревар во брзо сукање, особено буди интерес кај присутните овој натпревар и бираме најдобро украсена етно маса, а битно е што целата продажба на сите понудени производи ќе биде наменета за хуманитарни цели-рече Илиевски.

Струга - Малолетник без положен возачки испит бил затекнат ноќеска од полицијата како управува моторно возило во струшката населба „Теферич“. Со лицето бил извршен службен разговор, а возилото одземано, соопшти денеска СВР Охрид.

Според информацијата, ноќеска во 1 часот и 15 минути, при контрола во патниот сообраќај извршена во струшката населба „Тефериќ“, полициски службеници од ОВР Струга од сообраќај исклучиле патничко возило „мерцедес“ со струшки регистарски ознаки.

Полицијата, како што е наведено, утврдила дека возилото го управува малолетник кој нема положен возачки испит и сè уште нема стекнато право за управување моторно возило.

Охрид – Членовите на Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид реализираше акција за чистење на дното на Охридско Езеро. Нуркачите од клубот овојпат чистеа на потегот од плажата кај Сараиште до Градското пристаниште.

- Благодарение на посветеноста на нуркачите, волонтерите и сите учесници, од дното на езерото беа отстранети значителни количини отпад, со што директно придонесовме за зачувување на природната убавина и биодиверзитетот на нашето езеро - велат од „Амфора“.

Акцијата е поддржана од Општина Охрид. Со оваа акција го најавуваат проектот „ОХРИД ЕКО 2026″ што по петти пат ќе се одржи во мај, а е во рамки на меѓународна акција за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад во кој покрај домашните ќе бидат вклучени нуркачи од целиот регион. 

Куманово - Почна отстранувањето на дел од бараките на локалитет „Табакана“ во Куманово. Дел од малкуте сопственици одлучиле самите да ги отстранат, соопштија денеска од секторот за инспекциски надзор од општина Куманово.

-Како што ги идентификуваме сопствениците на времените објекти на локалитет „Табакана“, така ги издаваме записниците за нивно отстранување. Дел од нив самите одлучија да си преземат мерки, а во иднина кои нема да преземат тогаш општината ќе интервенира и ќе постапи согласно законот-изјавија од сектор за инспекциски надзор од општина Куманово.

Штип – Во дворот на спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип почна уредувањето на над 50 нови паркинг места. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека проектот се реализира за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот на населбата Сењак. Градежната механизација денеска  работеше на рамнење и подготовка на просторот, а утре ќе се пристапи кон негово асфалтирање. Целта е да се овозможат повеќе паркинг места на локација каде се одржуваат големи спортски настани во Штип. Вредноста на овој проект кој е на барање на граѓаните изнесува еден милион денари.

-Овде се задоволува конечно потребата за паркинг простор и паркирање кога има спортски настани. По реакција на жители, по реакција на граѓани, заради тоа што сообраќајницата која поминува веднаш до спортскиот објект е доведена до безбедносен ризик во сообраќајот при паркирање на возила, кога се одржуваат спортски манифестации потребата е повеќе од евидентна. Затоа одлучивме еден паркинг простор во рамки на самата парцела, која е за некаде за повеќе од 50 возила-изјави Јорданов. 

Куманово - Насадени се над 130 садници долж булеварот „Трета МУБ“ во Куманово, информираше денеска градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски. Садниците се садат во рамки на проектот „Урбано раззеленување за поздраво дишење“, кој се имплементира преку Центарот за развој на Североисточниот плански регион во партнерство помеѓу општините Куманово и Ќустендил.

-Како дел од проектот, исто така поставена е и урбана опрема, клупи и корпи за отпадоци-информираше Димитриевски.

Во рамки на инвестицијата „Зелена урбана површина и заедничка градина во Куманово“, претходно во СОУ „Перо Наков“ поставени беа летниковци, украсни канделабри, клупи, корпи за отпадоци и пешачка патека. На локација „Октомвриска револуција“ насадени се дрвја и изработен дренажен канал кај спортската сала. Проектните активности ќе продолжат да се спроведуваат и на булеварот „3 МУБ“, плоштад „Маршал Тито“ и ЈУОУД „Проф. Мијалковиќ“, а ќе бидат уредени и мали урбани градини на трите кружни текови.

Штип - Во Основниот суд Штип во среда, на 4 март со почеток во 9:30 часот, почнува судењето против 74-годишниот Д.А., обвинет за убиство на 79-годишната Б.Н. од Штип, потврди за МИА судијата кривичар и портпарол на ОС-Штип, Сашко Георгиев.

Убиството се случи лани, а дел од трупот на починатата жена беше пронајден закопан во дворот на обвинетиот. Според исказот кој го дал пред Основното јавно обвинителство Штип, мотивите биле љубомора и љубовни недоразбирања. По  убиената жена се трагаше неколку дена, а исчезнувањето го пријавила нејзината сестра.

Според податоците од МВР, на 24 октомври 2025 година, 84-годишната сестра на жртвата пријавила дека Б.Н. се оддалечила од домот. На 10 ноември, по судска наредба, бил извршен претрес во домот на обвинетиот Д.А., при што биле пронајдени траги од крв и други предмети поврзани со убиството.

Куманово - Опожарен е полициски автомобил во општина Старо Нагоричане, соопшти денеска СВР Куманово. Вчера во 18:20 часот во кумановската полиција било пријавено дека на паркинг простор во село Младо Нагоричане настанал пожар во патничко моторно возило „цитроен“, сопственост на МВР.

-Според пријавеното, пожарот настанал веднаш откако полициските службеници го паркирале возилото. Пожарот бил изгаснат од полициските службеници, а повредени лица нема, соопшти полицијата.

Увид извршила екипа од СВР Куманово.

Куманово - Регионалната занаетчиска комора во Куманово продолжува со засилена динамика на активности насочени кон поддршка на локалната економија, женското претприемништво и зачувувањето на традиционалните занаети. Претседателот на Комората, Агрон Фазлији, во денешната изјава за медиумите, ги повика заинтересираните да се пријават за претстојниот саем кој се организира со поддршка на општината, советот и градоначалникот на Куманово, со цел се даде поддршка на жените претприемачи. Саемот ќе се одржи од 5 до 10 март.

-Штандовите повторно ќе се доделат бесплатно, со поддршка на Советот на градот и на градоначалникот. Целта на настанот е поддршка на локалната економија, поддршка на жената и поддршка на сите тие ракотворци кои немаат можност да отворат сопствена дејност, за да можат да направат некаков бизнис и да бидат видливи. Целта е да ги поттикнеме да отворат нови бизниси во нашата општина. Нашите занаетчии и производи ја претставуваат културата, традицијата и суштината на Куманово - изјави Фазлији.

Босилово - На барање на граѓаните ќе се градат јавни тоалети во Босилово, Штука, Секирник, Радово, Иловица и Моноспитово, објави на неговиот фејсбук профил градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев.

Според објавенето, тоалетите ќе бидат со обезбедени приклучоци на струја и вода и друг неопходен инвентар.

-На прв поглед е банално, но потребата произлезе на барање на граѓаните, а со цел подобрување на јавната хигиена, напиша градоначалникот Манчев.

Велес - Полицијата вчера при преглед на домот кај жител на Чашка пронајде и одзеде огревни дрва без жиг и соодветна документација.

-Во периодот од 19:00 до 22:30 часот, синоќа  полициски службеници од Полициското одделение Чашка, со согласност од сопственикот, 78 годишниот  Б.Н. од Чашка, извршиле преглед во неговиот дом и помошни простории, каде биле пронајдени и одземени огревни дрва без жиг и соодветна документација, информираат попладнево од СВР Велес.

Дрвата се предадени во склад на ЈП „Национални шуми“. По документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава, најавија од СВР Велес.

Велес - Општина Градско успешно ја заврши постапката за оформување на нови парцели со намена Д 4.3 – гробишта (КП 352 и КП 533 КО Градско), кои се наоѓаат во непосредна близина на постојните гробишта.

Како што информира градоначалникот Киро Нацков, со ова, урбанистичката документација и експропријацијата се целосно комплетирани, а земјиштето е откупено од страна на Општината. Тој потенцира дека со тоа се создаваат услови за долгорочно и достоинствено решавање на ова важно прашање на жителите на Градско.

Воедно најави дека  наредниот период ќе следува постапка за доделување на трајно користење од страна на Владата, по што парцелите ќе бидат отстапени на ЈКП „Клепа“ од Градско за понатамошно управување.

Скопје - Општина Илинден објави повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.

Мерката предвидува еднократна парична помош за жителите со постојано место на живеење на територијата на општината, кои ќе набават нов велосипед во периодот од 2 март до 30 април 2026 година.

Општината финансиски ќе поддржи 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице.

-Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување. Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштита на животната средина, соопшти Општина Илинден. 

Скопје - Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска денеска изврши увид во градежните активности за изградба на нов паркинг простор лоциран на улицата „Димо Хаџи Димов“.

Новиот паркинг ќе располага со капацитет од 21 паркинг место, со вкупна површина од 326 квадратни метри. Покрај паркингот, се изведува и атмосферски приклучок со што ќе се спречи задржувањето на водата при врнежи, а ќе биде поставено и ЛЕД осветлување за поголема прегледност и безбедност во ноќните часови.

Остани поврзан