МИА Општински пул
- 2 март 2026
2 март 2026
Кочани - Одделението за внатреши работи Кочани информира дека врска со трагичниот настан – пожарот во Кабаре – Клуб „Пулс“ во Кочани, случен на 16 март 2025 година, од денеска (02.03.2026 година) започнува постапката за враќање на личните предмети пронајдени на местото на настанот.
-Се известуваат сите повредени лица, блиски членови на семејствата на починатите, како и други лица – посетители за време на настанот, дека во периодот од 02.03.2026 (понеделник) до 06.03.2026 (петок), во времето од 09:00 до 18:00 часот, можат да се обратат во просториите на Одделението за внатрешни работи Кочани, на ул. „Тодосија Паунов“ бр. 12. Целта на посетата е идентификација и враќање на личните предмети кои биле пронајдени при увидот, а кои им припаѓаат на повредените и на починатите лица - информира ОВР Кочани.
Меѓу предметите што ќе се враќаат се мобилни телефони, паричници, накит, часовници, ташни, облека и обувки.
Битола - Општина Битола со средства од локалниот буџет ќе поддржи спортски клубови и спортски здруженија во кои членуваат деца од ранливи категории.
Од Општина Битола информираат дека за оваа активност обезбедени се 100.000 денари, а може да ја користат деца со попреченост и деца од семејства корисници на гарантирана минимална помош.
Евалуацијата на апликациите ќе ја врши посебна општинска комисија, а доделените средства ќе се мониторираат за секое дете посебно врз основа на месечен извештај од клубот со кој се потврдува најмалку 50 проценти учество на детето на тренинзи организирани од клубот.
Јавниот повик е отворен до 13 март, до кога до Општина Битола родителите на деца од ранливи категории треба да достават комплетна документација, нагласуваат од тамошната локална самоуправа.
Охрид – Како дел од активностите во здравствено-превентивната дејност, а во рамки на одбележувањето на Неделата на борба против ракот, од 1 до 8 март под мотото „Превенцијата спасува животи“ активистите на охридската организација на Црвениот крст организираат активности насочени кон подигање на јавната свест кај општата популација за превенција и навремено дијагностицирање на малигните заболувања.
Во таа насока, Црвен крст - Охрид организира предавање за малигните заболувања со акцент на рак на простата што ќе се реализира денеска од 11 часот во просториите на Црвениот крст.
Инаку, секоја година во светот над 12 милиони луѓе заболуваат од некој вид на рак, а 7,6 милиони луѓе умираат како последица на болеста. Во нашата држава годишно се откриваат преку шест илјади нови случаи на заболени од рак.
Експертите од Меѓународната унија за рак и Светската здравствена организација нагласуваат дека приближно 40 проценти од карциномите можат потенцијално да се спречат и ризикот од развој на ракот може значително да се намали со примена на едноставни превентивни мерки и практикување на здрави животни навики.
Штип – Општина Штип оваа недела почнува со печатење на 18.650 решенија за данокот на имот, кои ќе ги достави до фирмите и домаќинствата, вели за МИА Драган Каров од Одделението за даноци во Општина Штип. Тој посочи дека решенијата прво ќе им бидат доставени на фирмите. Оваа година има 330 решенија повеќе за разлика од претходната 2025 година, со што и приходите ќе бидат поголеми.
-Општина Штип ги издаде решенијата за данок за имот за 2026 година. Вкупно издадени решенија се 18.650. Од нив 18.200 се за физички лица, останатите за правни лица. Споредбено со претходната година, сега има 330 решенија повеќе. Во наредните денови ќе започне со достава, најпрво со решенијата за фирмарина кои се околу 2.800, а потоа ќе се доставуваат решенијата за данок за имот за физички и правни лица-изјави Каров.
Тој истакна дека граѓаните за првпат решенијата за данок на имот ќе можат да ги добијат и по електронски пат, односно на нивната електронска адреси кои граѓаните и правните лица изминатата година имаа можност да ги ажурираат во Општина Штип. Но, дополнително решенијата за наплата на данок на имот ќе бидат доставени и на домашна адреса.
Кочани - Во ЈОУ Библиотека „Искра“ во Кочани денеска ќе се одржи промоција на новата збирка поезија „Отуѓеност“ од штипскиот автор Методи Бојаџиски. Промотор ќе биде драматургот Трајче Кацаров.
„Отуѓеност“ е современа поетска збирка која ги обработува темите на емоционалната дистанца, оддалеченоста меѓу луѓето и личните преиспитувања во динамиката на современото живеење. Преку интимен и рефлексивен израз, авторот ја доловува состојбата на човекот во време на брзи општествени промени,најавуваат организаторите.
Методи Бојаџиски е роден 1974 година во Штип. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистерските студии ги завршил на American Public University во САД, од областа на меѓународна политика и меѓународни конфликти. „Отуѓеност“ е негова втора стихозбирка, по првото дело „Испланиран немир“, објавено во списанието „Современост“ во 2023 година.