• сабота, 20 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

30 мај 2023

Охрид - Вкупно 39 медали од кои 10 златни, осум сребрени и 21 бронзен освоија членовите на Македонската традиционална таеквон-до федерација (МТТФ) на Меѓународниот таеквон-до ИТФ А класа натпревар „ГРАН ПРИ Зворник 2023“ што се подржа во БиХ.

Претседателот на МТТФ, Марјанчо Лазаревски информира дека учествувале со 33 натпреварувачи, двајца судии, шестмина тренери и три официјални лица. Натпреварувачите биле од таеквон-до ИТФ клубовите „СОНКАЛ“ од Мислешево Струга, „ЧОНЏИ“ од Косел „МАСТЕР“ од Охрид, „АХИЛИУС“ од Скопје и „ХВА РАНГ“ од Лескоец Охрид.

- Пријатно сум изненаден од нашите натпреварувачи од сите клубови кои учествуваа. Посебно беше изненадувањето од дебитантите кој имаа осум години, Теодор Ѓорески од Таеквон-до ИТФ клуб СОНКАЛ Мислешево Струга освојувајќи бронзен медал во спаринг деца 8-10 години -30 кг, кој после две последователни победи беше победен во полуфиналето од страна на судиите во корист на претставникот од Украина. Исто така и Димитар Јосифоски од Таеквон-до клуб ХВА РАНГ ИТФ Лескоец Охрид освојувајќи сребрен медал во спаринг деца 8-10 години -25кг. Исто така сум презадоволен од тренерите, судиите и официјланите лица кои најпрофесионално си ги извршија своите обврски, рече Лазарески.

На натпреварот во Босна и Херцеговина учествувале околу 450 натпреварувачи, од 50 клубови од 15 земји од Европа. 

Босилово - Советот на Општина Босилово по шести пат ја одби иницијативата и барањето на советникот Стојан Велков-Трн, од редовите на активистите кои се против отворање на рудник на оваа територија, за донесување одлука за мислење во врска со иницијативи за вршење на геолошки истражувања и експлоатација на металични минерални суровини.

Велков-Трн пред почетокот на седницата постави транспарент со своето барање. Според него, со ваква одлука Општината ќе се заштити и во иднина од експлотација на металични суровини.

-Ако точката помине на дневниот ред, тогаш ќе бидеме заштитени од сите напаѓачи на нашата животна средина. Доколку Вишиот управен суд донесе одлука да се одземе концесијата на „Еуромакс ресоурцес“, тогаш оваа точка ќе биде поврзана со овој рудник и постапката ќе мора да почне одново, а ние како Совет ќе се заштитиме со тоа што сме кажале дека не сакаме да имаме ваква индустрија, вели Велков-Трн.

Тој повтори дека по шести пат го поднесува ова барање и како што рече бара од Советот официјално да му се одговори зошто е неиздржана.

Битола - Учениците на „Simply Art“ од Хонг Конг, Кина се избрани за најдобро школо учесник на годинашната светска детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“ и тие добија посебна Плакета од покровител на колонијата, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Со одлука на меѓународното стручно жири за најдобар учесник-ученик на светската детска ликовна колонија е прогласена Мируна Иоана Морте од Романија и таа доби и посебно признание од Здружението на занаетчии на Битола кое секоја година доделува сребрен крст кој е изработен во 1ООО годишен калап.

Според востановената традиција организаторот, детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“-Битола додели посебни награди за индивидуален ликовен пристап, а благодарница беше врачена и на волонтерите од битолскиот Црвен крст.

За време на колонијата на која годинава учествуваа 2О делегации од 15 држави од цел свет, а на која што твореа над 8О учесници, во трајна сопственост на студиото оставени се над 4ОО ликовни дела.

Од Детско ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ Битола информираа дека делата од Манастирот Свети Јован Бигорски ќе бидат донирани на Бигорската Обител додека со КИЦ Битола ќе реализираат заедничка изложба со слики на Офицерски дом - Битола.

Штип - Почна санацијата на старата водоводна и канализациона мрежа на улиците „Цветан Димов“, „Борко Талев“ и „Димо Хаџи-Димов“ во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов информира дека општината нема средства за целосно и веднаш да го реши проблемот со старата секундарна водоводна мрежа и затоа проблемот ќе се решава парцијална, согласно буџетските средства.

-Најпрво ќе се направи промена на подземната инфраструктура. Промена на дел од водоводната и канализациона мрежа. Повеќе од 60 домаќинства ќе добијат нови приклучоци на водоводна и канализациона мрежа, а по завршувањето на оваа активност на ЈП „Исар“ ќе се пристапи кон асфалтирање на овие улици, вели Јорданов.

Промената на водоводната и канализациона мрежа на овие улици ќе чини два милиони денари, а дполнително се обезбедени средства за асфалтирање на трите улици. Очекува целосната реконструкција на трите улици да се заврши за месец и половина, но како што вели, се ќе зависи од временските прилики.

Јорданов најави дека и на други улици во градот и низ населбите ќе има реконструкција на старата и дотраена водоводна мрежа, која во текот на летните месеци прави сериозни проблеми во водоснабдувањето.

Кочани – Здружението на бизнис жени денеска во Кочани реализираше обука за жени претприемачи од Источниот регион, во рамки на локалните активности на Националната платформа за женско претприемништво.

Обуката на тема ,,Финансирање на бизнис и пристап до финансии“ се спроведе со целна група од дваесетина жени кои почнуваат или веќе имаат развиено сопствен бизнис, без разлика дали е дел од производствената, услужната, трговската, занаетчиската, земјоделската или друга дејност.

-Статистичките податоци покажуваат дека само околку една петина од целото претприемништво го водат жени, а тоа пред сè се микро компании или жени кои работат во занаетчиство или земјоделство. Ова е втора обука што се одржува кај нас, а идејата е да ги зајакнеме постојните, но и да им помогнеме на потенцијалните жени претприемачки за прашања и теми што се од важност за успешно одржување на нивните бизнис идеи и потфати. Намерата е на оние што веќе се навлезени во претприемништвото да им овозможиме да растат и да се прошируваат, а останатите кои имаат план и визија, но им недостига храброст, да им помогнеме да почнат сопствен бизнис и полесно да ги надминат почетните потешкотии, истакна Ирена Мирчовска, координаторка на Националната платформа за женско претприемништво за Источниот регион.

Битола - Новинарката Маја Богоевска, основач и уредник на порталот „Читај.бе“ е годинашен добитник на наградата за новинарска репортажа „Тоде Петрески“ именувана според новинарот на Радио Скопје, дописник од Битола, Тоде Петрески.

На свеченост во Битола, Богоевска истакна дека време е да се врати достоинството на професијата за да се каже: новинар – колку гордо тоа звучи.

-Голема е честа за мене што ја добивам наградата која го слави името и делото на доајенот на битолското и македонското новинарство, Тоде Петревски, синоним за храброст, пример како треба еден новинар да се бори за вистината.  Изразувам огромна благодарност до семејството на Тоде Петревски и нашиот хроничар „Битолски весник“. Оваа награда ја чувствувам како залог да се борам, особено против полуписмените, кои го киднапираа новинарството и ја унаказија професијата новинар заради лични интереси. Да се борам во просторот каде манипулацијата со вистината е огромна – интернетот. Затоа знаењето и искуството кое сум го стекнала овие две децении, ревносно и несебично го пренесувам и ќе го пренесувам на младите генерации, истакна Богоевска.

Охрид - Вкупно 39 медали од кои 10 златни, осум сребрени и 21 бронзен освоија членовите на Македонската традиционална таеквон-до федерација (МТТФ) на Меѓународниот таеквон-до ИТФ А класа натпревар „ГРАН ПРИ Зворник 2023“ што се подржа во БиХ.

Претседателот на МТТФ, Марјанчо Лазаревски информира дека учествувале со 33 натпреварувачи, двајца судии, шестмина тренери и три официјални лица. Натпреварувачите биле од таеквон-до ИТФ клубовите „СОНКАЛ“ од Мислешево Струга, „ЧОНЏИ“ од Косел „МАСТЕР“ од Охрид, „АХИЛИУС“ од Скопје и „ХВА РАНГ“ од Лескоец Охрид.

-Пријатно сум изненаден од нашите натпреварувачи од сите клубови кои учествуваа. Посебно беше изненадувањето од дебитантите кој имаа осум години, Теодор Ѓорески од Таеквон-до ИТФ клуб СОНКАЛ Мислешево Струга освојувајќи бронзен медал во спаринг деца 8-10 години -30 кг, кој после две последователни победи беше победен во полуфиналето од страна на судиите во корист на претставникот од Украина. Исто така и Димитар Јосифоски од Таеквон-до клуб ХВА РАНГ ИТФ Лескоец Охрид освојувајќи сребрен медал во спаринг деца 8-10 години -25кг. Исто така сум презадоволен од тренерите, судиите и официјланите лица кои најпрофесионално си ги извршија своите обврски, рече Лазарески.

Тетово - Ликовниот уметник Славчо Максимовски од Тетово вчеравечер во салата „Тоше Проески“ во Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“ во Загреб ја постави изложбата „Убавите жени“, а промотор на изложбата беше хрватската пратеничка Маријана Петир.

Со поддршка на македонско - хрватското друштво (МХД) од Тетово, загребската јавност синоќа имаше ретка прилика одблиску да ги погледне 29-те комбинирани слики и фотоманипулации на академскиот сликар Максимовски. 

Настанот симболично, во предвечерието на Денот на независноста на Република Хрватска, беше организиран во објектот на новоосветената и прва македонска православна црква во Хрватска.  Од името на домаќините, присутните ги поздрави Зорица Велиновска, а по неа поздравен говор имаше хрватската пратеничка Петир, истакнат пријател на Македонија и македонскиот народ. 

Дебар  - Во посета на Свештената Бигорска обител престојуваше Стево Стефановски, пријател на Бигорската Обител и дарител на врата на бигорскиот католикон на Свети Јован Крстител, информираа од Бигорската обител.

-По повод илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир, одбележана пред нецели три години, тој благочестиво ги покри трошоците за изработката на новата храмова врата, изработена во техника со седеф од мајсторот Абдулменем Рабее од Сирија. Со тоа, во Бигорски продолжи традицијата за украсување на Божјиот храм со предмети изработени од седеф, како што било и во вековите наназад, додаваат од обителта.  

Според нив, позната е древната бигорска дарохранилница, изработена во седеф, којашто ја овековечил фотографот Георги Трајчев во почетокот на минатиот век.

Оваа ориентална техника на украсување на дрвените предмети во минатото била многу застапена во нашата држава, особено во Охрид и Битола, каде што и до ден денес во храмовите се наоѓаат црковни предмети изработени во седеф, како на пример, целивални, владички тронови...

Тетово -  Со поставување штанд за делење информативни материјали, работилница за рециклирање и паноа за цртање или пишување на мотивирачки пораки до младите за волонтерска работа, во Тетово денеска се организира промоција на волонтерството, во организација на  граѓанските здруженија Женски Форум Тетово и Волонтерски центар Скопје.

-Женски Форум ги мотивира младите девојки да се вклучуваат во волонтерски активности, да волонтираат во здруженија на граѓани и во организации. Да се развива свеста на волонтерството. Да можат да ги детектираат главните проблеми во заедницата, да апелираат и да иницираат решавање на истите и така да станат идни активни граѓанки во заедницата, изјави Слаѓана Јосифоска, претставничка на Женски Форум.

На овој начин, со настани на отворено и посета на повеќе градови, канцеларијата на Волонтерски центар се приближува до младите, посочуваат од ова организација.

Делчево - Во месноста Средни Бавчи денеска започна рехабилитацијата на земјоделскиот пат со што се решава горливиот проблем со патната инфраструктура за земјоделците кои имаат земјоделски површини или објекти во овој дел на Делчево. Со проектот, како што информираа од Општината, се предвидува рехабилитација на земјоделскиот пат во должина од околу 800 метри.

-Почнавме со реализацијата на уште еден значаен проект за земјоделците.  Работите ги изведува Емрах - Интертранс ДООЕЛ Зелениково. Вредноста на работите е околу 1 милион денари со ДДВ. Рехабилитацијата на земјоделскиот пат се реализира со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој преку Програмата за рурален развој, мерка 124 - Инвестиции во инфраструктурата за развој на земјоделството, шумарството и водостопанството, подмерка 124.3 – Инфраструктура за прстап до земјоделско земјиште, врз основа на Програмата за финансиска поддршка за рурален развој, информираа од Општината.

Рехабилитацијата на овој земјоделски пат, како што додаде градоначалникот Горан Трајковаки, значи полесен пристап до земјоделските површини или до нивните индивидуални земјоделски стопанства. 

-Сведоци бевме дека при поројни дождови беше оневозможено движењето со возила и со земјоделска механизација до земјоделското земјиште на овој терен. Оваа инвестиција е наш одговор на барањата на земјоделците и во таа насока продолжуваме понатаму. Ќе искористиме вакви и слични повици со кои ќе обезбедиме поддршка за решавање на проблемите на земјоделците поврзани со земјоделската патна инфраструктура во општината, рече Трајковски.

Охрид - Охриѓанецот Христијан Пендиков утрово се врати во родниот град, каде што утре треба да присуствува на судењето за нападот на 19 јануари. Во Основниот суд во Охрид треба да го опише нападот и кои биле причините за тоа.

На барање на судијата Бојан Мартиноски кој го води процесот, на утрешното рочиште се повикани да сведочат вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци.

На првото рочиште, кое се одржа на 5 април беа презентирани видео материјални и писмени докази во процесот што пред Основиот суд во Охрид се води против Илија Спасески, првообвинет за нападот врз Пендиков, секретарот на сега згаснатиот бугарскиот клуб во Охрид.

Според Обвинителството, првообвинетиот во предметот се товари за извршено кривично дело „нанесување тешки телесни повреди“, на што обвинетиот Спасески се произнесе невин.

Претставникот на одбраната, адвокатот Димитрија Цобоски, пред Судот даде кусо образложение во кое изјави дека одбраната не спори дека оштетениот критичната вечер бил повреден, но оти во доказната постапка ќе успее да го убеди Судот дека нема материјални докази што неспорно утврдуваат дека провообвинетиот е извршител на делото, како и оти во делото нема докази за зборови од омраза како што сака тоа да го наметне Обвинителството.

Остани поврзан