• сабота, 23 ноември 2024
МИА Општински пул

30 октомври 2024 

Охрид – Полициски службеници припадници на активниот состав од Полициската станица од општа надлежност Охрид денеска од 9 часот на стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид ќе спроведат вежбовна активност за боево гаѓање со огнено оружје.

Активноста се реализира со претходен договор и известување до стрелиштето, Ловното друштво Охрид, ЈЗУ „Здравствен дом” Охрид и урбаната заедница „Билјанини извори”.

Пред почетокот на боевото гаѓање, полициски екипи ќе извршат теренска обиколка и обезбедување на поширокото подрачје на стрелиштето „Бејбунар” со цел оневозможување влез на граѓани во безбедносните зони а медицинското обезбедување ќе го вршат стручните медицински екипи од ЈЗУ „Здравствен дом”.

Скопје - Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и Министерството за локална самоуправа денеска се домаќини на 23. состанок на Заедничкиот консултативен комитет меѓу Северна Македонија и Комитетот на регионите на Европската Унија (ЗКК). Делегатите во ова тело се од редовите на градоначалници и советници од нашата земја и од земјите на Европската Унија.

Состанокот ќе се одржува во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, а ќе го отвори претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Во рамки на првата тема „Развој во процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ“, која е константна на состаноците на ЗКК, ќе се обратат министерот за локална самоуправа Златко Перински, шефот за соработка при Делегацијата на ЕУ во нашата земја Стефан Худолин и претседателот на Комисијата CIVEX (Комисија за државјанство, владеење, институционални и надворешни работи при Европскиот Комитет на региони Патрик Молиноз.

Втората тема на овој состанок е посветена на „Дигитална транзиција, особено во локалните и регионални јавни услуги“. Во овој дел предвидени се обраќања на заменик - министерот за дигитална трансформација Радослав Настасијевиќ Варџински, известителот на Комитетот на региони за Зајакнување на локалната власт и претставничката демократија преку нови инструменти за дигитална технологија Раит Пиџеглас, претставници од НАЛАС и од АЛДА.

Кавадарци – Со панел-дискусија, во Кавадарци синоќа беше одбележан месецот за борба против рак на дојка. Настанот што беше и своевидно потсетување на кавадарчанката Мери Парчева, која водеше борба против ракот, го организираа Комисија за еднакви можности при Општината и аптеките „Бела фарм“.

Пред присутните говореше Марија Камчева, координаторка за родова еднаквост при кавадаречката локална самоуправа.

На панел дискусијата се обратија директорката на болницата, специјалист доктор Гордана Ѓорчева Камчева, фармацевтот Катерина Арсовска, специјалист доктор Светлана Темелковска од Клиника за радиологија, Тереза Балалоска како онколошки пациент и Сашка Кузманова, сопственичка на „Инфинити лајф КС“.

Темелковска истакна дека раната детекција е клучна во третманот и исходот на болеста рак на дојка. Таа е претседател на националната комисија за скрининг на рак на дојка.

Крива Паланка - Општина Крива Паланка се најде на листата на општини со најтранспарентни веб-страници во државата според резултатите од мониторингот на веб-страниците на општините и Центрите за развој на планските региони што ја објави Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап на информации од јавен карактер на РС Македонија.

- Агенцијата спроведе мониторинг на веб-страниците на општините и Центрите за развој на планските региони, кои како иматели на информациите се обврзани да ги објавуваат на своите официјални веб-страни.Според анализата на резултатите и извршената проверка, најтранспарентни се Општина Валандово и Општина Демир Хисар со 64 бода, Пробиштип со 60, Крива Паланка 58 бода, а по нив следуваат Берово и Битола со 57.5 односно 57 бодови. Општина Крива Паланка според оваа анализа бележи пораст на транспарентноста со скок од три места споредено со претходната година, што за нас како единица на локална самоуправа е показател за значително подобрување на проактивната транспарентност и отчетноста во нашата работа пред граѓаните, информираат од службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

На ниво на Североисточниот плански регион Крива Паланка е лидер, со високи 91 отсто транспарентност, пред најголемата Општина во овој регион, Куманово, која покажа 77 отсто транспарентност на информациите објавени на официјалната општинска веб-страница.

Остани поврзан