• недела, 22 декември 2024

Методско-показна вежба со боеви гаѓања на Криволак 

Методско-показна вежба со боеви гаѓања на Криволак 

Криволак, 4 октомври 2024 (МИА) - Методско-показна вежба со боеви гаѓања се реализираше денеска на армискиот полигон  Криволак, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, министерката за финасии Гордана Димитриеска Кочоска, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Агелер, генералите во Армијата, командантите на првопотчинетите команди и единици на ГШ на Армијата и градоначалниците на Штип, Неготино и Кавадарци.

Како што беше кажано, целта на оваа вежба, на која за прв пат беше употребен нов систем вграден на лесно оклопно возило - JLTV, далечински управувана вооружена станица, каде лицето кое ракува со системот е заштитено во оклопното возило, е демонстрација на тактички постапки и процедури при изведување на напад, преку интеграција на борбените елементи и борбена поддршка, да се прикаже борбената моќ и капацитетите на подготвеност на зајакнатата пешадиска чета, дел од Лесната пешадиска баталјонска група  - ЛПБГ.

- Можевме да видиме една навистина динамична практична вежба со примена на современо вооружување, со примена на модерна опрема. Јас можам да кажам, дека од она што успеав да го видам, можам да заклучам дека навистина капацитетите се на едно високо би рекол одлично ниво. Често пати ме прашуваат дали сте задоволни или не сте задоволни. Можам да кажам дека сум презадоволен. Како Влада ќе продолжиме да ве поддржуваме и мислам дека ни претстојат многу убави денови. Во делот на техничките капацитети министерот кажа доволно, во делот на финансиските капацитети министерот кажа во соработка со Министерството за финансии што сѐ направивме во овој период и што беше она што го затекнавме. Но, бидете убедени дека поддршката за Армијата, набавувањето на нова опрема и средства ќе продолжи и во годините коишто следат. За да бидеме навистина една модерна и динамична Армија којашто ќе одговара на НАТО стандардите,  потенцираше премиерот на Владата, Христијан Мицкоски.

Задоволство изрази и Мисајловски. 

- Како земја членка на НАТО мораме континуирано да вложуваме во нова современа опрема и за да бидеме компатибилни со останатите земји сојузнички и она што е најважно е дека ние, оваа Влада, предводена од премиерот ќе продолжиме да инвестираме во одбранбени капацитети, во човечки ресурси и нова модерна опрема која пред се ќе значи подобро подготвена армија, подготвени да одговориме на сите предизвици и да придонесеме за зајакнување на мирот, стабилноста и безбедноста не само во Македонија туку во регионот и пошироко со нашето учество во мировните операции, истакна  го истакна денеска министерот за одбрана. 

 -Навистина сте гордост на македонскиот народ. Би сакал да напоменам дека за време на денешната вежба за прв пат имавме можност да ја видиме на дело новата опрема која е вградена на еден од лесните оклопни возила. Се работи за опрема, односно систем кој со далечински управувач кој првенствено дава заштита на персоналот кој ракува со него, да истовремено самиот систем да може да биде инкорпориран митралез кој исто така денеска го видовме како се употребува, има можност да има фрлач на гранати, поседува потребна огнена моќ и прецизност при сите временски услови, рече тој. 

Притоа појасни дека овие модерни системи ќе бидат инсталирани во повеќе вакви возила и на дел од оклопните транспортери кои се  очекува да пристигнат во текот на наредната година.

- Но дополнително да кажам дека покрај овие системи, во опремувањето на овие возила и Страјкерите, ќе има и друга модерна опрема која дополнително ќе биде инсталирана, меѓу кои и системот Џавелин, додаде тој. 

Министерот се заблагодари за поддршката на премиерот и на министерката за финансии, како и на амбасадорката и ррле дека ќе се продолжи со модернизација.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање пред присутните ја истакна важноста на модернизацијата и опремувањето на Армијата чие централно место зазема ЛПБГ, како примарна НАТО цел на способност со обврска да биде оценета и борбено подготвена до 2027 година.

- Процесот на обучување и изведување на комплексни борбени вежби со употреба на сите борбени функции, претставува клучен фокус на секојдневната обука во иднина. Армијата ќе продолжи да ги развива и зголемува борбените функции со цел да одговори на сѐ посложените безбедносни предизвици. Како клучен фактор во идниот развој на ЛПБГ, а со тоа и на Армијата, е потребата од развивање на функцијата на самоодржливост на единиците. Оваа потреба се јавува поради се ограничените ресурси и лимитираната сојузничка или партнерска помош во изведувањето на борбените дејства. Затоа, ЛПБГ во иднина засилено ќе се фокусира на подобрување на можностите на самоодржливост во сложени борбени ситуации,  додаде генералот Лафчиски.

Амбасадорката Агелер ги потенцираше капацитетите на АП „Криволак“, како еден уникатен полигон кој е од големо значење за НАТО.

„Полигонот за обука „Криволак“ е навистина многу добар полигон и како што знаете често се користи и од трупите на САД и од други сојузнички земји на НАТО коишто доаѓаат тука да вежбаат, затоа што има навистина уникатни услови коишто се потребни за ваква обука и навистина ја цениме поддршката што ја добиваме од Армијата, од Министерството за одбрана и од Владата“, нагласи амбасадорката Агелер.

Денешната вежбовна активност беше реализирана од страна на припадниците на Лесната пешадиска борбена група, кои согласно сценариото изведуваа офанзивни борбени дејства со артилериска и инженериска поддршка, како и соработка со единици од Баталјонот за специјални сили и воздухопловниот ВИНГ.

Од страна на сите присутни, кои ја следеа денешната вежба, беа упатени  честитки до сите припадници на Армијата за успешната реализација на вежбата. За време на денешната посета на АП „Криволак“ беше презентирана и дел од новопримената опрема како дел од процесот за модернизација и опремување на Армијата. свд/дма/


Фото: МИА 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан