• понеделник, 23 декември 2024

МД „Илинден“ го честита Eвропскиот ден на јазиците со честитка до Македонците

МД „Илинден“ го честита Eвропскиот ден на јазиците со честитка до Македонците

Тирана, 26 септември 2023 (МИА) - Македонско друштво „Илинден“ - Тирана по повод одбележувањето на 26 септември, ден на европските јазици, упати честитка до сите Македонци, кои како што наведуваат, каде и да се, со порака да го зачуваат мајчиниот јазик, бидејќи, како што посочуваат, тоа е најголемото обележје на националниот идентитет, но и да научат и други јазици, затоа што тоа е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање.

- Сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот јазик за децата значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, стои во честитката на друштвото, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.

Од Друштвото посочуваат дека јазичната разновидност е алатка за стекнување поголемо меѓукултурно разбирање и важен дел од богатото наследство на европскиот континент.

По повод овој ден, Друштвото потсетува, дека, за жал и во 21. век, Македонците во Албанија не може да се образуваат на мајчиниот јазик.

- И покрај континуираните барања во изминатите три децении од падот на тоталитарниот режим да се овозможи настава на мајчин македонски јазик, сите досегашни албански власти остануваат глуви и слепи на реалноста. Освен за децата во Пустец иако и таму нецелосно, настава на македонски јазик нема ниту во Гора, ниту во Голо Брдо, каде настава на македонски имало до педесеттите години од минатиот век, а да не зборуваме за Тирана, Елбасан и други градови каде што живеат илјадници Македонци, забележува друштвото „Илинден“.

Честитајќи го денешниот ден, друштвото уште еднаш упатува порака до Македонците во Албанија, каде е во тек попис на населението и домаќинствата  со „гордост да се изјаснат дека се Македонци со мајчин македонски јазик“. вт/бд

Остани поврзан