• недела, 28 април 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 26 март 2024 (МИА) - СВР Куманово - Отсек за економски криминал поднесе кривична пријава против Ј.М.(63) од Република Србија, со живеалиште во Куманово, осомничен за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Пријавената, нотар именуван на подрачје на Куманово, заверила договор за купопродажба на ловечка пушка на лице кое не поседува дозвола за поседување на тој тип на оружје. Таа постапила спротивно од член 35 од Законот за оружје, според кој е утврдено дека оружје може да се продаде на лице кое поседува одобрение за набавување оружје, како и од став 2 на овој член дека заверува нотар со што,  покрај други податоци, треба да се внесат и податоците на одобрението, односно дозволата издадена од МВР.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Н.(27) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.

На 17.02.2024 на улицата „Серафим Китаноски“ во Охрид, со запаллива течност предизвикал пожар на  паркирано патничко возило „дачија дастер“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Шумска полиција - Охрид.

На 25.03.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната.

За време на контролата биле санкционирани 16 прекршоци од кои, пет надвор од населено место и 11 во населено место. Санкционирани биле и 37 други видови на прекршоци.

На 25.03.2024 во 17.30 часот во ОВР Кочани, 18-годишник од Кочани пријавил дека на 24.03.2024 во Кочани бил измамен од едно лице за сума од 950 евра.

Според пријавеното, тие се договориле лицето од него да купи мобилен телефон, а откако ги зел парите и лицето си заминало се посомневал во исправноста на банкнотите. Полициски службеници ги подигнале банкнотите за понатамошна постапка и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 25.03.2024 во 16.00 часот во СВР Скопје, М.К.(40) од Скопје пријавила дека околу 12.45 часот на подрачјето на Центар во Скопје, нејзиниот малолeтен син бил физички нападнат од три лица.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 25.03.2024 во 19.45 часот во СВР Скопје, В.Ѓ.(41) од Скопје пријавил дека околу 08.40 часот во близина на угостителски објект на подрачјето на Центар во Скопје бил физички нападнат од едно лице, кое го познавал.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 25.03.2024 околу 20.20 часот на подрачје на Гази Баба, полициски службеници од СВР Скопје го привеле М.А.(28) од Скопје затоа што претходно од неговото возило „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, бил фрлен тврд предмет и било оштетено службено полициско возило.

Се преземаат дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 25.03.2024 во 17.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Поликлиниката „Бит пазар“  со повреда од остар предмет бил донесен малолетник од Скопје.

Според пријавеното, на подрачјето на Бит-пазар неколку лица му побарале пари, а откако не им дал, едно од нив го нападнало со остар предмет и му нанело убодна рана. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 25.03.2024 во 14.50 часот во СВР Велес, Р.М.(47) од Велес пријавил дека на улица „Ѓоре Органџиев“ во Велес бил каснат од куче скитник.

На 25.03.2024 во 14.30 часот во ОВР Кичево, А.Б.(34) од кичевското село Горно Строгомиште пријавил дека на локален пат во селото бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против М.Д.(46) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На 05.03.2024, пријавениот насилно влегол во домот на неговата поранешна вонбрачна партнерка, ѝ се заканил со остар предмет и фрлал тврди предмети кон неа.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.М.(37) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“.

На 27.01.2024, по претходно недоразбирање во врска со должничко-доверителски односи, пријавениот со остар предмет му нанел повреда на Ф.Х..

СВР Струмица поднесе кривична пријава против С.Е.(29) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 19.09.2023, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

СВР Битола поднесе кривична пријава Х.Р.(31) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 14.01.2023 во Прилеп, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

СВР Куманово поднeсе кривична пријава против М.Т.(24) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 05.12.2023 во Казнено-поправната установа „Затвор Куманово“ во с.К’шање, полициски службеници извршиле претрес над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против В.Ј.(60) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „спречување  службено лице во вршење службено дејствие“, „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и „фалсификување или уништување деловни книги“.

На 21.03.2024 во Кичево, пријавената физички го нападнала Ф.С.(34) од Скопје и му оштетила дел од опремата, а откако била повикана на службен разговор во полициска станица физички нападнала полициски службеник и ја уништила сочинетата службена белешка.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Т.Ј.(49) од Кочани и правно лице од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „даночно затајување“.

Првопријавениот, управител во правното лице, во периодот од 2019 до 2022 година давал лажни податоци за приходите на правното лице поради што дошло до намалување на даночните обврски за секоја година, воедно не извршил книговодствено евидентирање на готовинските фактури од добавувачот, не пресметал и не искажал обврска за плаќање даноци на што бил обврзан согласно Законот за додадена вредност, за личен доход и за данок на добивка. Со овие дејствија, пријавените затаиле даноци во вкупен износ од 1.326.140 денари и за тој износ го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ј.Ш.(43) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.

Во текот на 2022, лице од Тетово ѝ исплатило 45.000 денари на пријавената, која го довела во заблуда дека ќе му помогне да добие странски документи.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице од Тетово, Е.Ш.(44) и И.Ш.(48), двајцата од Тетово, сопственици и управители на правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на право од пријавен или заштитен пронајдок и топографија на интегрални кола“.

На 04.11.2023 била извршена контрола, при што било констатирано дека компјутерите во фирмата не поседувале лиценциран оперативен софтвер.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.А.(24) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“.

На 20.05.2023, пријавениот креирал неколку лажни профили на социјална мрежа на име на неговата поранешна девојка и објавувал фотографии без нејзина согласност.

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.С.(22) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторени продолжени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ и против Б.К.(54) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“.

Пријавените, во периодот од април 2022 година до март 2023 ги искористиле личните и банкарски податоци на лице од Штип во седум финансиски друштва при аплицирање за 17 онлајн кредити, од кои биле одобрени 11 кредити во вкупен износ од 339.700 денари. Одобрените парични средства од финансиските друштва биле уплатени на банкарската сметка на оштетениот, по што првопријавената неовластено во повеќе наврати повлекувала парични средства од повеќе банкомати во Штип, со што се стекнала со материјална корист во вкупен износ од 339.700 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против Б.К.(24) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.

Откако ја присвоила дебитната картичка на лице од Штип, пријавената во неколку наврати во Крива Паланка и Ранковце неовластено подигнала пари и се стекнала со противправна имотна корист од 8.743 денари.

Регионалниот центар за гранични работи Исток поднесе кривична пријава против С.Д.(45) од Република Турција поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фаслификување исправа“.

На 23.03.2024 на граничниот премин Деве Баир, пријавениот приложил фалсификувана меѓународна зелена карта за осигурување издадена од Република Турција. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.Х.(45) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.

На 10.12.2023 во Тетово, при контрола, тој на полициски службеници на увид дал косовска возачка дозвола за која било утврдено дека е фалсификувана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Пробиштип поднесе кривична пријава против И.Б.(22) од Пробиштип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „одземање  моторно возило“.

На 03.03.2024 во Пробиштип, пријавениот одзел патничко возило сопственост на И.Ѓ., кое подоцна било пронајдено.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против И.М.(49) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“.

На 07.03.2024 во трговски центар во Кочани, пријавениот се заканувал на адвокат од Кочани.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.И.(19) од Шуто Оризари, Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно пријавување“.

На 18.01.2024, пријавената лажно пријавила дека Е.И. од Тетово насилно ја држел во неговиот дом и дека и  биле понудени пари за сексуални услуги. 

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Н.П.(34) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење  јавен превоз без поседување лиценца“.

На 01.03.2024 на ул.„Питу Гули“ во Охрид, полициски службеници го затекнале пријавениот како врши јавен превоз на патници, без да поседувал лиценца за вршење јавен превоз.хс/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан