• сабота, 07 септември 2024

Малинов: Очекуваме терминалот за течен гас во Александрополис да биде пуштен во употреба на 1 октомври

Малинов: Очекуваме терминалот за течен гас во Александрополис да биде пуштен во употреба на 1 октомври

Софија, 6 септември 2024 (МИА/БТА) – Очекуваме терминалот за течен природен гас во Александрополис да биде пуштен во комерцијална работа на 1 октомври, потврди в.д. министерот за енергетика на Бугарија Владимир Малинов во неговото учество на осмото издание на „Енергетскиот форум за Југоисточна Европа“. Настанот, кој се одржува денеска во Солун, го организира Американско-грчката стопанска комора во партнерство со Атлантскиот совет. Малинов учествуваше на тркалезна маса на тема „Енергетската соработка во Југоисточна Европа и регионот на Источниот Медитеран: пресвртница за енергетската безбедност на ЕУ“ заедно со неговите колеги – министерот за животна средина и енергетика на Грција – Теодорос Скилакакис, министерот за енергетика на Романија Себастијан Бурдужа и други.

Ова е веста, која денеска ја избра Бугарската телеграфска агенција (БТА) од својот сервис, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Министерот Малинов го посочи терминалот за течен гас во Александрополис како одличен пример за успешна соработка меѓу земјите, благодарение на што ќе се гарантира енергетската безбедност во регионот. Како други добри примери на ова поле ги посочи Вертикалниот гасен коридор и проектот за поврзување на енергетскиот систем на Европа и Северна Африка.

Според него, земјите од регионот треба да развијат заеднички проект кој ќе го издигнат на стратешко ниво со партнерите од САД.

Во соработка и координација, земјите од регионот на Југоисточна Европа ќе ја постигнат својата цел за енергетска безбедност. Нашата заедничка работа на енергетско поврзување, диверзификација, зголемување на уделот на чиста енергија и постигнување климатска неутралност ќе придонесе за развојот на регионот, рече бугарскиот министер за енергетика.

Малинов истакна дека во процесот на зголемување на учеството на зелената енергија треба да се зачува конкурентноста на економиите во регионот. „Во соработка со сите земји мора да ја изградиме потребната електрична мрежа за да обезбедиме пристап до енергија по пристапни цени за бизнисите и потрошувачите“, нагласи Малинов. Тој истакна дека во моментов има сериозни разлики во цените на струјата меѓу регионите на Југоисточна Европа и Централна и Западна Европа.

Според него, соработката со партнери од САД придонесува и за енергетската безбедност во регионот. „Во Бугарија, благодарение на нашата заедничка работа со САД, горивото за 5-тиот блок на нуклеарната централа Козлодуј веќе е диверзифицирано откако беше успешно пуштен во употреба во мај“, додаде тој.

БТА потсетува дека при една од последните посети на в.д. министерот за енергетика Владимир Малинов на Грција, тој информирал дека терминалот за течен гас во Александрополис ќе биде пуштен во употреба на 1 октомври. Проектот е од стратешко значење, бидејќи ќе обезбеди важен коридор за снабдување со течен природен гас од алтернативни извори за целиот регион, посочија тогаш од Министерството за енергетика. Покрај тоа, бугарскиот оператор за пренос на гас „Булгартрансгаз“ е акционер во терминалот со 20 проценти.

Вршителот на должноста министер за енергетика на Бугарија Владимир Малинов учествуваше на два енергетски форуми што се одржуваат во Солун, соопшти претходно денеска прес-центарот на Министерството за енергетика. На 8 септември ќе учествува на „Дијалог за енергетиката на иднината на Европа на Блискиот Исток и Северна Африка (МЕФЕД) – фокус на енергетската инфраструктура“. Домаќини на настанот ќе бидат Теодорос Скилакакис, министер за животна средина и енергетика на Република Грција и д-р Роберт Хабек, заменик-канцелар и сојузен министер за економија и климатски активности на Сојузна Република Германија. Програмата е фокусирана на развој на меѓурегионална енергетска инфраструктура со цел да се забрза енергетската транзиција.

Медиумската информативна агенција овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.

Остани поврзан