Лога: Досега нема дополнителна информација за екстрадицијата на Љупчо Палевски
- Министерот за правда, Кренар Лога денеска во изјава за медиумите прашан до каде е процесот за екстрадицијата на првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо, рече дека нема нова информација околу тоа и дека ако има нова информација таа ќе биде навремено споделена со јавноста.
Скопје, 27 декември 2023 (МИА) - Министерот за правда, Кренар Лога денеска во изјава за медиумите прашан до каде е процесот за екстрадицијата на првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски-Палчо, рече дека нема нова информација околу тоа и дека ако има нова информација таа ќе биде навремено споделена со јавноста.
-Досега немаме никаква информација дополнително да ја споделуваме со вас. Кажавме и минатиот пат на прес-конференција и со премиерот, кога и да имаме тоа ќе биде споделено со јавноста и со вас, изјави Лога.
Претходно, од Секторот за меѓународна правна помош во Министерството за правда информираа дека постапката за екстрадиција на Љупчо Палевски било изготвено истиот ден откако е добиено официјалното известување од МВР за апсењето на Палевски..
Оттаму појаснуваа дека постапката за екстрадиција во ваквите предмети трае неколку месеци, а исклучок се само случаите на скратена постапка кога лицето прифаќа да биде екстрадирано. Се што сме работеле со Турција, велат од Секторот, вклучено е и Министерството за надворешни работи, бидејќи како што појаснија, Турција има ставено резерва на вториот протокол на Конвенцијата за екстрадиција.
Од секторот известуваа дека барањето за екстрадиција на Палевски до Турција испратено преку три канали, директно преку ДХЛ, преку Министерството за надворешни работи, како и скенирана копија преку Интерпол.
Се наведуваше дека мала е можноста за Палевски да побара азил, бидејќи како што велат од Секторот, барање за азил се поднесува веднаш откако ќе влезете во државата.
Истрагата за убиството на 14. годишната Вања Ѓорчевска и 74. годишниот велешанец Панче Жежовски започна на почетокот на овој месец и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.
Во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември
Од Обвинителството информираат дека наодите нема да се објават јавно. сх/нд/
Фото: МИА