• петок, 22 ноември 2024

Кумановскиот музеј доби понуда да организира камп со македонски и американски студенти за археолошки локалитет

Кумановскиот музеј доби понуда да организира камп со македонски и американски студенти за археолошки локалитет

Куманово, 20 март 2024 (МИА) - Реномираниот Флорида Универзитет од Мајами од САД достави понуда за соработка на Националната установа музеј Куманово за организирање на археолошки камп во регионот на Куманово, односно на локалитетот Градиште во Бислимска Клисура, село Пчиња, соопштија денеска надлежните. 

Понудата, како што објаснува археологот Дејан Ѓорѓиевски, е резултат на соработката и интересот кој професорот, Флорин Курта ги оствари со археолозите од Куманово, но и на неговите предзнаења за овој локалитет кој е специфичен и исклучително важен. 

Согласно понудата, кумановскиот музеј треба да организира универзитетски археолошки камп од десетина студенти по археологија кои би се приклучиле на истражувањата на НУ Музеј Куманово во 2026 година. Во понудата се предлага и понатамошен развој на проектот преку вклучување на поголем број специјалисти од повеќе дисциплини во истражувањето, како и размена на студенти, доколку постои интерес кај македонските образовни институции. Моментално, Универзитетот работи на овој принцип во Италија, каде што проектот завршува во 2025 година.

- Со тоа, нашиот заеднички проект ќе претставува втора поголема соработка на македонските институции со американски универзитет од осамостојувањето на Македонија (слично функционираше и истражувањето на Коњух со Гетисбург Колеџ и Музеј на Македонија), и веруваме дека овој метод на работа ќе се користи подолг временски период. Инаку, професор Флорин Курта е еден од водечките истражувачи на раниот среден век, познат по книгата „Создавањето на Словените/ Making of the Slavs“ издадена на Кембриџ, каде што ја преиспитува и негира т. н Голема преселба на народите и сфаќањето на Словените како компактна етничка целина, изјави Ѓорѓиевски.

Тој дополни дека обединетата македонска дијаспора веќе е заинтересирана да се приклучи и да ја поддржи иницијативата преку повеќе програми кои има можност да ги спроведе како организација, независно од универзитетската програма.

- Во најскоро време очекуваме да излеземе на терен и да продолжиме со овогодишните планирани ископувања на овој локалитет, кои за жал, повторно ќе бидат во најмал обем, поради скромните средства од 2.500 евра кои Министерството за култура ги доделува втора година по ред, дополни тој.

Директорката на НУ Музеј Куманово, Марија Миљуш Божурска, кажа дека за нив како институција, чија примарна цел е заштита на културното наследство ваквата понуда е од енормно значење.

- Ова е уште еден доказ дека локалитетот Градиште во Бислимска клисура село Пчиња има голем културен потенцијал кој заслужува да биде истражен. Особено ни е драго што овој локалитет ја привлече светската археолошка јавност. Ние сме ентузијасти и се надеваме дека соработката ќе биде успешна и на високо ниво, а нашиот археолошки тим професионално и стручно е подготвен да одговори на сите предизвици. Музејот е спремен да учествува во организирање на археолошкиот камп и да го трасира патот за уште вакви соработки, изјави Миљуш Божурска.

Фрагмент од фреска со рака на светител беше пронајден лани при археолошките истражувања на локалитетот Градиште-Бислим во село Пчиња. Тогаш се истражуваше источниот дел од локалитетот кај откриената ранохристијанска црква. 

Како што соопштија тогаш од НУ Музеј Куманово при истражувањето наишле на постари фрагменти од фреско декорација, со геометриска орнаментика, кои датираат од втора половина на 4 или почеток на 5 век. 

За археолошката, стручна јавност, големо изненадување беше сознанието дека ранохристијанската црква откриена во село Пчиња била украсена со претстави на светители, односно човечки фигури, пред сè, поради навидум тешкиот пристап на овој предел до главните патни комуникации (а со тоа и до цивилизациските текови), но и поради непостоење на вакви наоди во многу поголеми и позначајни ранохристијански црковни седишта во регионот и пошироко. ам/ар

Фото: Архива МИА и НУ Музеј Куманово

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан