• понеделник, 07 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Конференција „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“

Конференција „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“

Скопје, 1 април 2025 (МИА) -  Во рамки на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, денеска ќе биде отворена конференција за одржливо управување со отпад „Преобмислување на отпадот – од предизвици до одржливи решенија“. 

Како што е најавено, конференцијата ќе ја отвори амбасадорката на Кралството Шведска Ами Ларсон Џеин, а воведни обраќања ќе имаат првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, заменик-министерот за локална самоуправа Ерџан Селими, извршната директорка на Здружението на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) Душица Перишиќ, Штефен Худолин, шеф за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Рајан Нокс, извршен директор на SALAR International. 

На конференцијата ќе присуствуваат и градоначалници од повеќе плански региони во државата, меѓу кои градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески и градоначалникот на Новаци Стевче Стевановски, претставници на граѓанскиот сектор и бизнис заедницата и претставници на повеќе амбасади и меѓународни организации, дел од донаторската заедница во Северна Македонија.
 
Конференцијата ќе се фокусира на итноста од подобрување на управувањето со отпад во Северна Македонија. Главните теми на кои ќе се стави посебен акцент  се затворањето на постоечките депонии и ѓубришта, операционализирање на долгоочекуваниот регионален систем за управување со отпад како единствено одржливо и долгорочно решение за проблемот со отпадот со кој се соочува земјата, како и потребните реформи и чекори кои треба да ги преземат институциите и единиците на локалната самоуправа. На конференцијата ќе се разговара и за координацијата и соработката меѓу донаторската заедница, министерствата, општините, приватниот и граѓанскиот сектор како единствен одржлив начин на спроведување на реформите, за справување со предизвиците и креирање одржливи решенија.

Проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“ е финансиран од Шведска и реализиран од SALAR International во соработка со партнерите МЖСПП, Министерство за локална самоуправа и ЗЕЛС. мд/са/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан