• сабота, 23 ноември 2024

Кривична пријава против шест лица за копање тунел до Вишиот суд во Подгорица

Кривична пријава против шест лица за копање тунел до Вишиот суд во Подгорица

Подгорица, 22 септември 2023 (МИА) - Вршителот на должноста директор на црногорската полициска управа Никола Терзиќ изјави дека полицијата знае кои се луѓето кои го ископале тунелот до зградата на Вишиот суд во Подгорица и дека во кривичната пријава ќе бидат опфатени шест лица, меѓу кои има и државјани на Србија.

„Полициската управа знае кои се рударите. Во кривичната пријава од СВР ќе бидат опфатени шест лица - М.М.(53), Ј.Д.(30), М.В.(32), В.Е.(32), сите државјани на Србија, како и две непознати лица“, рече Терзиќ.

Тој додаде и дека „инвеститор“ на акцијата е сериозна криминална група од Црна Гора.

„Нема да кажам која е за да не ја загрозам истрагата. Не стигнавме до оние кои платиле не толку мала инвестиција. Кривичната пријава што ќе биде поднесена утре е само првиот чекор“, рече Терзиќ.

Тој најави и дека министерот за внатрешни работи Филип Аџиќ утре ќе одржи прес-конференција на која ќе соопшти дополнителни информации, пренесува РТЦГ.

Истрагата ја води Основното државно обвинителство во Подгорица, а досега се осомничени најмалку девет лица, меѓу кои и една жена.

Кражбата на судското депо е забележана на 11 септември, по што било откриено дека од стан на улицата „Његошева“ до депото на Вишиот суд бил ископан тунел.

Комбето што го користеле осомничените го пронашла полицијата на 13 септември.

Откриен е и стан во населбата Забјело во Подгорица, каде наводно престојувале осомничените. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан