• вторник, 24 декември 2024

Костадиновска-Стојчевска: Делата на уметниците од Чешка, Полска, Унгарија и Словачка се знак за трајно пријателство на 60-годишнината од Скопскиот земјотрес

Костадиновска-Стојчевска: Делата на уметниците од Чешка, Полска, Унгарија и Словачка се знак за трајно пријателство на 60-годишнината од Скопскиот земјотрес

Скопје, 14 јуни 2023 (МИА) - Во Музејот на современата уметност – Скопје синоќа, во присуство на бројни гости и почитувачи на уметноста, свечено беше отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на МСУ-Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.

Изложбата, како што информираат денеска од Министерството за култура, е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на современа уметност - Скопје. Со изложбата се одбележува и 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во поздравното обраќање истакна дека оваа изложба е доказ за едно долготрајно пријателство помеѓу нашата земја, и земјите од Вишеградската група.

-Изминативе години поминавме низ многу транзиции и реформи на нашите општества, но во тие трансформации, земјите од Вишеградската група се цврста поддршка во создавањето и на современ и проевропски Западен Балкан, рече Костадиновска-Стојчевска и додаде дека соработката во културата е можеби и првата што го движи моторот на евроинтеграциските процеси напред.

Костадиновска-Стојчевска посочи дека блискоста и разбирањето што Северна Македонија ја има со земјите од Вишеградската група, за нас се драгоцени придобивки во процесите кои ги развиваме во иницијативите на Отворен Балкан, и на Западен Балкан. - Нашата иднина е во овој модел на заедништво и меѓусебна поддршка, додаде таа.

Оваа изложба, нагласи министерката за култура, е потврда дека вредностите за кои денес зборуваме, се всушност поставени многу одамна.

-Подигнување на духот на една земја и на разрушениот град преку подарување на уметнички дела претставува висок чин на хуманост. Делата на уметниците од Чешка, Полска, Унгарија и Словачка се дел од меморијата на Скопје и на изградбата и развојот на овој Музеј, рече Костадиновска-Стојчевска, која ја нагласи улогата на Полска во создавањето на објектот на МСУ, а уметничките дела од овие земји се речиси 10 проценти од солидарната колекција на МСУ.

Министерката за култура истакна дека оваа изложба е чин на благодарност, но таа е и потсетување за важноста на пријателството и заедништвото помеѓу народите, особено во годината кога одбележуваме 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

На изложбата присуствуваа и амбасадорите на Словачка, Полска, Чешка и Унгарија, со чија финансиска поддршка се реализира ова комплексно ликовно претставување.

Во МСУ изложени се 96 дела од 86 уметници,  односно претставен е избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во периодот од 1905 до 1989 година.

Овие дела претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

Куратори на изложбата, која ќе биде достапна до 15 септември годинава, се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец. дма/лв/

Фото:Министерство за култура

 

Остани поврзан