Во ХЕ „Шпилје“ кај Дебар заврши капиталниот ремонт на генератор два
- Во ХЕ „Шпилје“ кај Дебар, еден од најзначајните електроенергетски капацитети, заврши капиталниот ремонт на генератор два.
Дебар, 24 декември 2024 (МИА) - Во ХЕ „Шпилје“ кај Дебар, еден од најзначајните електроенергетски капацитети, заврши капиталниот ремонт на генератор два.
-По двомесечни теренски активности на колегите од службата за електромашинско одржување од Хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“, агрегатот повторно е ставен во погон и хидроелектраната е комплетно на располагање на електроенергетскиот систем, информираа за МИА од ЕСМ.
Додадоа дека зафатот е реализиран во согласност со предвидените планови за тековно и за инвестициско одржување на опремата.
-Капиталниот ремонт е една од позначајните сервисни активности и значи продолжување на работниот век, зголемување на сигурноста и стабилноста на „Шпилје“ и на ХЕС „Црн Дрим“, што го сочинуваат оваа и ХЕ „Глобочица“, нагласуваат од ЕСМ.
ХЕ „Шпилје“ во изминатиот период од годинава има произведено 228 гигават часови електрична енергија.
На 4 ноември годинава одбележа 55 години од пуштањето во функција, период во кој е забележано производство од 14.799,19 гигават часови, или просечно годишно производство од 275 гигават часови. вт/мд/
Фото: ЕСМ/МИА