• среда, 03 јули 2024

Касами со коментар на изјавата на Димитриевски во врска албанското знаме во владините кабинети

Касами со коментар на изјавата на Димитриевски во врска албанското знаме во владините кабинети

Тетово, 2 јули 2024 (МИА) - Градоначалникот на Тетово и претседател на Движење Беса, Биљал Касами во изјава за медиумите по настан во тетовскиот регион ја искоментира изјавата на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски дека ќе ја напушти Владата ако во владините кабинети на министрите Албанци од Коалицијата „Вреди“ продолжи да се користи знамето на Албанија. Според Касами, Димитриевски не требало да зборува на таа тема.

- Не е Димитриевски кој одредува кога и како ќе се користи националното знаме. Посакуваме коалицискиот партнер, во случајов претседателот на ЗНАМ, да излезе од предизборната реторика и да разбере дека сега сме дел од власта и мора да работиме за доброто на граѓаните. Ние како граѓани Албанци на оваа држава ги почитуваме и поддржуваме граѓаните на македонската заедница во заштитата на нивниот идентитет, а истото го очекуваме и од македонските граѓани да ги поддржат Албанците во заштитата на нивниот идентитет, националното знаме е важен сегмент од ова, рече Касами од тетовска Стримница.

Градоначалниците на Тетово, Касами и на Желино, Блерим Сејдиу, денеска извршија промоција на реконструкцијата на локалниот пат што води кон селото Стримница, а претставува поврзување меѓу двете општини.

- Продолжуваме да инвестираме во патната инфраструктура на општина Тетово, со цел ја подобриме поврзаноста на општините Тетово и полошките општини со Желино, информираше Касами.

Станува збор за делница со должина од 900 метри и ширина од 5,2 метри. ас/дма/


фото: Општина Тетово 

Остани поврзан