• понеделник, 25 ноември 2024

Кандидатите за претседател со различни предлози за зајакнување на економијата

Кандидатите за претседател со различни предлози за зајакнување на економијата

Скопје, 21 април 2024 (МИА) - Седумте кандидати за претседател во предизборното гостување на Националниот сервис вечерва изразија различни предлози во однос на тоа како да се зајакне македонската економија.

Кандидатката на „Левица“ Билјана Ванковска смета дека македонската економија троши огромни средства за воена алијанса, финансирана војна, со модернизира воен капацитет кој се испраќа во Украина.

-Прашање е ресурсите како ги користиме. Од сопствена сиромаштија финансираме воено индустриски комплекс. Овој предлог за отворање кон четирите страни на светот е затоа што овде веќе не владее само геополитика и геоекономија, очигледно ние таа лекција не сме ја научиле, затоа што работиме на сопствена штета, додаде Ванковска.

Кандидатот на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари смета дека не е логично да има два процеси паралелено - Отворен Балкан и Берлинскиот процес.

-Во Отворен Балкан останаа само Србија и Македонија, тоа и Лавров отворено го кажа. Во Србија после почетокот на војната во Украина се отворени над 300 руски компании, каде што повеќе од половина се од ИТ компании кои соработуваат со ИТ компании во Македонија. Што отвораат можност за огромно руско односно српско влијание во Македонија, која што мислам дека е токсично, рече Таравари.

Кандидатот на ЗНАМ- За наша Македонија, Максим Димитриевски напомена дека државата треба да ја трансформираме да не зависи од државите од надвор.

-Македонија треба да ја трансформираме во самоодржлива држава, да не зависи од надвор, туку од самата себе. Ќе ги прочешламе сите дадени концесии во последните 20 години, ќе направиме ревизија да видиме колку ние зимаме од нашето природно богатство, ќе ја дадеме земјата на вистинските земјоделци а не фиктивно да се исплаќаат милионски концесии на одредени комбинати, на крајот на денот ќе ја дадеме шансата на граѓанинот да остане тука, додаде Димитриевски.

Според претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски, економски илузионизам е ако мислиме дека можеме да опстанеме само со своите капацитети.

-Ние не можеме се сами да произведуваме. Јас тврдам дека планот за раст и ова што го најавува Европската комисија во однос на постепеното зачленување, дека пред да бидеш членка можеш да имаш пристап до фондовите, ние без пристап до тие фондови нема да може да имаме стапки на раст кои ни се неопходни. Се друго е залажување на граѓаните, рече Пендаровски.

Кандидатката за претседател на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова потребни се вистински луѓе на право место и битка за најумните, најспособните, наместо за медиокритетите.

-Ако ние уште на факултет ги анимираме или ги каниме најдобрите да останат, тоа го правеше едно време Ирска, тогаш сигурно ќе тргнеме напред. Ама, со вакво однесување никаде нема да стигнеме. Потребно е владеење на правото и тогаш економијата ќе тргне напред, рече Силјановска-Давкова.

Кандидатот на ГРОМ и Коалицијата „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски смета дека треба да се отвори Катедра за вооружување на Машинскиот факултет во Скопје

– Прво треба да произведуваш тоа што пазарот бара. Во овој момент, пазарот бара оружје и опрема. Јасно е дека целата Алијанса не може да ги надомести потребите на оваа војна што е меѓу Украина и Русија и второ, се што е испразнето од магацините ќе треба да се полни. Тоа значи дека ние треба да ја бараме шансата во производство на оружје, на воена опрема и муниција. Нашата индустрија треба да ја рекомпонираме и да ја поставиме онака како што бара светскиот пазар, појасни Јакимовски.

Претседателскиот кандидат на ДУИ и Европскиот фронт Бујар Османи смета дека претседателот нема директни надлежности во економските политики.

-Претседателот нема директни надлежности во економските политики, но како креатор на државен консензус, може да формира Национален комитет во којшто ќе бидат сите политички партии, академија, бизниси, регулатори, различни интересни групи и тука ќе се постигнува консензус по однос на одредени параметри и потоа политиката ќе ги имплементира без дебата, појасни Османи. бт/нд/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан