Каменица САСА пред дербито со Љуботен го продолжи договорот со голманката Гвоздерац
- Репрезентативната голманка на Босна и Херцеговина, Јелена Гвоздерац го продолжи договорот со актуелниот двократен шампион во женски фудбал Каменица САСА.
Македонска Каменица, 20 април 2022 (МИА) – Репрезентативната голманка на Босна и Херцеговина, Јелена Гвоздерац го продолжи договорот со актуелниот двократен шампион во женски фудбал Каменица САСА.
Соработката како што изјави тренерот Зоран Златковски е продолжена за уште една година на обострано задоволство на двете страни.
- Денеска, потпишавме продолжување на соработката со репрезентативната голманка на Босна и Херцеговина, нашата Јелена Гвоздерац. На обострано задоволство, најдобрата голманка во Првата женска фудбалска лига на Македонија останува во нашите редови, истакна стратегот Златковски.
Од соработката со Јелена Гвоздерац очекува нови освоени успеси и титули.
- Одлуката доаѓа по нејзините одлични настапи во Лигата на Шампиони и одличните натпревари во тековната сезона. Нашата Јоци сосема заслужено останува во нашите редови, додаде Златковски.
Женскиот тим на Каменица САСА денес го игра дербито во Првата лига против моменталниот лидер на табелата ,Љуботен од Тетово. Почетокот на натпреварот е во 16:30 часот на „Градскиот стадион“ во Македонска Каменица. вс/зс/