• сабота, 27 јули 2024

Истражување: Британските лабуристи со двојно поголема популарност од конзервативците

Истражување: Британските лабуристи со двојно поголема популарност од конзервативците

Лондон, 4 март 2024 (МИА) - Поддршката за британската владејачка Конзервативна партија падна на најниско ниво во повеќе од четири децении, покажуваат анкетите пред изборите што се очекуваат во втората половина од годината.

Истражувањето на Ипсос покажа дека конзервативците, кои се на власт 14 години, на крајот на февруари ги поддржале 20 отсто од гласачите, седум процентни поени помалку од еден месец претходно, а опозициската Лабуристичка партија 47 отсто.

Конзервативците, според тоа, се најнепопуларни барем од 1978 година, кога Ипсос почна редовно да ја следи популарноста на главните британски партии. Поддршката за конзервативците беше приближно ниска во 1994 година, со 22 проценти. Тогаш премиер беше Џон Мејџор. Тоа беше три години пред партијата да го доживее најтешкиот пораз на изборите во речиси стотина години.

„Историските споредби продолжуваат да изгледаат застрашувачки за Риши Сунак и конзервативците“, рече Гидеон Скинер, директор за политички истражувања во Ипсос.

Премиерот Сунак рече дека очекува да распише општи избори во втората половина од годината, но не кажа кога.

Ипсос ја спроведе анкетата на 1.004 возрасни лица во Велика Британија преку телефон од 21 до 28 февруари.

Падот на поддршката за конзервативците следи по тешкиот почеток на годината за Сунак. Велика Британија влезе во рецесија на крајот на годината. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан