• понеделник, 23 декември 2024

Изработена база на податоци за пештерите на Националниот парк „Галичица“

Изработена база на податоци за пештерите на Националниот парк „Галичица“

Охрид, 6 декември 2023 (МИА) – Националниот парк „Галичица“ преку проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, ја доби првата база на податоци за пештерите во рамките на паркот.

Станува збор за прва база на податоци за пештери во земјата, со опфатени 22 карактеристики за секоја од пештерите во рамки на паркот.

Изработката на базата на податоци се темели врз научно-истражувачки активности реализирани во рамките на проектот и на соработката помеѓу Црвениот крст од Охрид, Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“, Јавната установа Национален парк „Галичица“ и Планинската спасителна служба.

На територијата на Националниот парк Галичица се евидентирани повеќе од 40 пештери.

Истражените пештери се разликуваат според своите морфолошки карактеристики, начинот на постанок, застапеноста и видот на пештерски украси.

Температурата на воздухот во пештерите е различна и се движи од 6 до 16 степени Целзиусови, додека влажноста на воздухот во пештерската средина е меѓу 55 до 99.98 проценти.

Пештерската фауна е разновидна. Во пештерите се евидентирани 14 видови троглобити (организми кои живеат само во пештери и никогаш надвор од нив), 20 видови троглофили (организми кои ги преферираат пештерите, но може да се сретнат и надвор од нив), десет видови троглоксени (организми кои понекогаш навлегуваат во пештерите и тие им служат како прибежиште од надворешната средина) и еден вид случаен троглоксен. Дел од видовите пештерска фауна се нови за научната литература и за прв пат евидентирани во ова заштитено подрачје.

Интересен е и фактот дека од 20 евидентирани видови лилјаци на Галичица, за девет видови пештерите претставуваат живеалиште, покажуваат истражувањата.

Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ е поддржан од „Prespa Ohrid Nature Trust – PONT“, a го спроведуваат Црвен крст на Република Северна Македонија – Општинска организација Охрид и Истражувачко друштво „Урсус спелеос“ од Скопје, во соработка со Јавната установа Национален парк „Галичица“. аб/дма/

фото/Црвен крст Охрид

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан