• петок, 05 декември 2025

Изложба „Траг“ на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски во Македонскиот КИЦ во Софија

Изложба „Траг“ на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски во Македонскиот КИЦ во Софија

Скопје, 23 мај 2025 (МИА) - По повод празникот на сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј -  24 Мај, утре вечер во галеријата на Македонскиот Културно-информативен Центар (КИЦ) во Софија ќе биде отворена заедничката изложба „Траг“ на визуелниот и мултимедијален уметник Стефан Анчевски од Куманово и вајарот Марјан Стојаноски од Прилеп.

-Изложбата „Траг“ претставува современо уметничко истражување на концептот на трага - како физички белег, како емоционален отпечаток и како визуелна метафора. Преку иновативна употреба на комбинирани медиуми, апстрактни композиции, видео инсталации и тактилни структури, Анчевски и Стојаноски отвараат простор за интроспекција, визуелна интрига и длабоко лично доживување. Проектот ја истражува тенката линија помеѓу присуството и отсуството, светлината и темнината, спокојот и движењето – и ја претвора во ритмичен визуелен јазик што комуницира со секој гледач на уникатен начин, соопштија од Македонскиот КИЦ во Софија.

Стефан Анчевски (1993, Куманово) е мултимедијален уметник кој работи во различни уметнички форми, вклучувајќи сликарство, скулптура, видео и концептуална уметност. Зад себе има 11 самостојни и над 150 групни изложби дома и во странство, а неговиот пристап постојано ја предизвикува границата меѓу медиумите и идејата.

Марјан Стојаноски (1983, Прилеп) е истакнат скулптор и член на повеќе уметнички здруженија. Со бројни изложби и награди зад себе, неговата работа се карактеризира со силен израз, втемелен во формата и материјалот, како и со препознатлива индивидуална естетика која допира до длабоките слоеви на човечкото искуство.

Како што најавија од Македонскиот Културно-информативен Центар (КИЦ) во Софија, изложбата е отворена за сите посетители и љубители на современата уметност, со цел да понуди нови перспективи за разбирање на уметничкиот јазик, трагите што ги оставаме и нивното значење во колективната и личната меморија.бт/са/

Фото: Македонски културно-информативен центар во Софија

Остани поврзан