• петок, 22 ноември 2024

Изложба со златните маски од Требениште, по Скопје ќе биде поставена во Софија

Изложба со златните маски од Требениште, по Скопје ќе биде поставена во Софија

Скопје, 23 август 2023 (МИА) - Изложба од ексклузивните наоди од некрополата Требенеште, кои во 2019 година во соработка на музеите на Северна Македонија, Србија и на Бугарија, беше поставена во Скопје, ќе биде претставена пред бугарската јавност, во Националниот археолошки институт со Музеј при Бугарската академија на науките во Софија.

Владата ја разгледа и ја усвои и информацијата од Министерството за култура за реализација на меѓународната изложба која е уникатна по наодите кои ни го претставуваат животот покрај Охриското Езеро од 6  до 4 век пред нашата ера. Во поставката се и прочуените златни маски кои се чуваат во Белград, Софија и една во Охрид, и кои првпат на оваа изложба се изложуваат заедно.

Покрај уникатноста на наодите, оваа поставка е уникатна и по тоа што на овој локалитет работеле археолози од трите земји каде што преку своите институции го афирмираат културното наследство од требенишкиот локалитет. Како плод на соработката на стручните тимови на Археолошки музеј на Северна Македонија, со Националниот археолошки институт со музеј во Софија, Бугарија и со Народниот музеј на Србија во Белград каде што се чуваат вредните артефакти од некрополата, во 2019 година се реализираше изложбата која заокружи единствена приказна за случајното откритие во 1918 година, во близина на селото Требениште, кај Охридското Езеро.

Од Министерството за култура информираат дека со огромен интерес од јавноста беше проследена уникатната поставка „100 години Требенеште“ , која во Скопје беше отворена 6 месеци, а која во Софија ќе биде реализирана како „105 години од Требенеште“.

-Со оваа изложба продолжува соработката помеѓу трите земји за заокружување на ексклузивната приказна за Требениште кое е прв и можеби единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран преку три музеи, од Скопје, Белград и Софија, се вели во соопштението на Министерството за култура.бт/са/

Фото: Министерство за култура

Остани поврзан