• петок, 22 ноември 2024

Изложба „Геометриски медитации“ на Гордана Вренцоска во Виница

Изложба „Геометриски медитации“ на Гордана Вренцоска во Виница

Скопје, 12 јули 2024 (МИА) - Во Домот на културата „Тошо Арсов“ - Виница вечер ќе биде отворена 15. самостојна изложба на Гордана Вренцоска, „Геометриски медитации“. Како што е наведено во најавата, циклусот на слики и графики „Геометриски медитации“ го нагласува автентичниот и оригиналниот дух на авторот.

-Делата на Вренцоска се препознатливи по својот сензибилитет, едноставност и совршеност во геометриската форма. Тие се израз на персонализирана ликовност со моќноста на чистата форма, суптилните релации и препознатливата златеста колористика. Ликовното творештво на Гордана Вренцоска се карактеризира со полна визуелност и оригинален пристап кон реализација на творечките идеи транспортирани со современ графички израз. Нејзините слики се во служба на божествената убавина, со висок културен рејтинг кои говорат за еден голем мајстор кој себеси се обликувал со отворени очи, со посветување на учењето и творењето и со континуирано работење и усовршување, истакнува Благица Стојановска, директор на Домот на културата „Тошо Арсов“ - Виница.

Вренцоска е интердисциплинарен уметник, дизајнер и универзитетски професор. Факултет за ликовни уметности – сликарство со модно креирање завршила на УКИМ, а магистарски студии по дизајн на Central Saint Martins’ School of Art & Design во Лондон како Чивнинг стипендист. Докторската теза ја одбранила на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Вренцоска е редовен  професор по Визуелна уметност и дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, каде во последните шест години ја извршува функцијата декан.

Автор е на бројни дизајнерски проекти, стручни текстови и неколку научни трудови, како и на книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“ во издание на Арс Ламина. Реализирала 15 самостојни изложби и учествувала во бројни групни уметнички изложби во Македонија, Полска, В. Британија, Италија, Германија, Хрватска, Австрија, САД, Кина и други земји. За својата работа и творештво добила бројни награди и признанија, меѓу кои: победник на Twinings натпреварот за дизајн на шапка во В. Британија; добитник на престижниот грант за уметници на фондацијата Полок-Краснер од Њујорк; UK Alumni Entrepreneurial Award 2018, награда што ја доделува Британскиот совет во Лондон; Благодарница за придонесот во развојот на Факултетот за арт и дизајн од Европскиот универзитет; Годишната награда за сликарство на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и меѓународната Iron A’ Design Award за категоријата Graphic Design.

Изложбата ја организира Домот на културата „Тошо Арсов“ – Виница и е во рамки на програмата на настанни за Павловден на Општина Виница. Финансиски е помогната од Министерството за култура. мч/

фото: Гордана Вренцоска

Остани поврзан