Почнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала
- Министерството за култура и туризам соопшти дека по многу години чекање и административни пречки, почнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала - еден од најзначајните културни симболи на Скопје и на Македонија.
Скопје, 8 април 2026 (МИА) - Министерството за култура и туризам соопшти дека по многу години чекање и административни пречки, почнува реконструкцијата и модернизацијата на Универзалната сала - еден од најзначајните културни симболи на Скопје и на Македонија.
Постапката за избор на изведувач за Универзалната сала успешно е заокружена откако Државната комисија за жалби по јавни набавки ја одби како неоснована жалбата на економскиот оператор и го потврди изборот на најповолна понуда. Со ова се отстранува и последната правна пречка за почеток на градежните работи. Со решението, дефинитивно, се потврдува одлуката за избор на најповолна понуда од 23.3.2026 година и е избран конечен изведувач на проектот - наведуваат од Министерството.

Проектот, како што се посочува, се реализира по принципот клуч на рака, а реконструкцијата на Универзалната сала треба да заврши до декември 2027 година. Ова е клучен проект во рамките на подготовките на Скопје за носењето на престижната титула - европска престолнина на културата 2028.

Со новиот лик на Универзалната сала, Скопје ќе добие модерна, функционална и репрезентативна културна институција, која ќе биде домаќин на врвни театарски претстави, концерти, фестивали и големи културни настани. Ова е инвестиција во иднината на македонската култура, инвестиција во нашите уметници, во нашата публика и во идните генерации, информираат од Министерството за култура и туризам и додаваат дека остануваат целосно посветени на транспарентно, законито и брзо реализирање на сите капитални проекти, кои го зајакнуваат културниот идентитет на земјата. рп/вг/
Фото: Министерство за култура и туризам