• четврток, 09 април 2026

Пејковски му врачи плакета на градоначалникот Борче Митревски за афирмација на македонската култура во странство

Пејковски му врачи плакета  на градоначалникот Борче Митревски за афирмација на македонската култура во странство

Скопје, 8 април 2026 (МИА) - Во време кога културата сè појасно се афирмира како моќен инструмент за поврзување на народите и градење меѓусебно разбирање, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, оствари работна средба со градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митревски.

Како што соопшти Пејковски, средбата се одвивала во атмосфера на взаемна почит и конструктивен дијалог, проследена со јасна визија и искрена заложба за унапредување на македонската култура на меѓународен план.

Во текот на разговорите отворени беа важни теми поврзани со улогата на културната дипломатија како двигател на современите општествени текови. Особен акцент беше ставен на значењето на локалната самоуправа како активен чинител во промоцијата на националниот идентитет и културното наследство надвор од границите на државата. Свесноста за оваа одговорност овозможува локалните институции да се позиционираат како вистински претставници и промотори на државните вредности.

Во рамки на средбата, проф. д-р Зоран Пејковски, во својство на директор на Македонскиот информативен центар во Софија и дипломатски советник, му ја врачи на градоначалникот Митревски Плакетата за особен придонес во развојот и афирмацијата на македонската култура во странство. Ова признание претставува симболична потврда за неговата континуирана посветеност и активна поддршка во градењето на културни врски и соработка.

Средбата доби дополнителна тежина бидејќи се одржа во рамки на значаен јубилеј – дваесет години од основањето на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Овој јубилеј претставува не само момент на одбележување, туку и можност за рефлексија врз досегашните достигнувања и поставување нови стратешки насоки. Во изминатите две децении, Македонскиот култрно-информативен центар во Софија се етаблира како значајна институција и релевантна платформа за презентација на македонската култура преку бројни уметнички, образовни и научни активности.

Разговорите опфатија и конкретни идеи за идни заеднички проекти и иницијативи, насочени кон продлабочување на културната соработка и отворање нови можности за институционална и креативна размена. Заедничката определба е преку координиран и визионерски пристап да се создадат одржливи партнерства кои ќе придонесат за долгорочен развој.

Оваа средба испраќа силна порака дека македонската култура има значајно место на светската сцена и како чувар на традицијата, така и како динамичен израз на современото творештво. Таа е жив доказ за нашиот идентитет и неисцрпен извор на духовна енергија. Со посветеност, визија и континуирана поддршка, културата не само што се зачувува, туку и создава трајни вредности што ја афирмираат нацијата во глобален контекст, наведува Пејковски. вг/

Фото: МКИЦ Софија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан