• понеделник, 31 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Зеленски: Сега Макрон и Стармер ја предводат Европа, САД остануваат клучни

Зеленски: Сега Макрон и Стармер ја предводат Европа, САД остануваат клучни

Париз, 27 март 2025 (МИА) - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер сега ја предводат Европа.

- Се договоривме Европа да биде претставувана од Франција и Британија - Стармер и Макрон, изјави Зеленски на денешната прес-конференција во Париз, по Самитот на лидерите од „коалицијата на подготвените“. 

- Ова е важно. Ова е јасна позиција и ние би сакале да го испратиме овој сигнал, рече тој, додавајќи дека „несомнено“ ќе биде слушнат од САД, а при тоа не образложи подетално.

- Имавме многу добар состанок, важен за нас, за Украинците и за мене лично, изјави тој по Самитот на „коалицијата на подготвените“ во Париз, одржана по иницијатива на Париз и Лондон.

Зеленски истакна дека коалицијата разговарала за дополнителна помош за Украина и безбедносни гаранции.

Тој ги пофали САД, Велика Британија и Франција како „забрзувачи“ на мировниот процес.

-Руските обиди за поделба на Европа и САД се видливи, но ние сакаме Америка да биде посилна, додаде тој, нагласувајќи дека одлуките донесени денеска можат да го забрзаат крајот на војната.

За европската поддршка, Зеленски рече дека е задоволен од заедничката одлука санкциите против Русија да не се укинат. На прашањето дали САД се слаб сојузник, тој одговори: „САД се многу важни“.

Во врска со британско-француската мисија, Зеленски потврди дека Макрон најавил „сила за стабилизација“ во Украина, која ќе се распореди по мировен договор, на барање на Киев. „Има многу предлози од лидерите, вклучително поддршка преку воздух или копно“, рече тој, додавајќи дека наскоро ќе следи состанок за ова прашање, јави Скај њуз.

За договорот за минерали со Доналд Трамп, Зеленски рече дека нема план да оди во Вашингтон бидејќи „нема конкретна агенда“. Тој додаде дека САД „постојано ги менуваат условите“, но Украина останува отворена за соработка. - Сакаме добри односи со САД и испраќаме позитивни сигнали, нагласи тој.

На новинарско прашање за тоа дали може да им верува на Американците,Зеленски рече дека навистина не успеал да изврши притисок врз САД за производство на ракетите Патриот.

„Тешко е да им се објасни на оние кои живеат во поинаква димензија“, вели тој.

Што се однесува на  Стив Виткоф, специјален претставник на САД за Блискиот Исток, Зеленски рече: Тој кажува работи и звучи како да го кажува тоа за нас. Тие изгледаат апстрактно. Ова е од друг свет. За нас овие луѓе се од друга планета.

Тој понатаму појасни дека со „тоа никого не обвинува“.

- Ние само живееме во различни реалности, во различни светови, додава тој. 

Остани поврзан