• понеделник, 23 декември 2024

Зголемена потрошувачка на вода во Куманово

Зголемена потрошувачка на вода во Куманово

Куманово, 29 јули 2024 (МИА) - Потрошувачката на вода во Куманово е значително висока последниов период, информираа денеска надлежните од јавното претпријатие „Водовод“. Во одредени периоди од денот се движи до 400 литри вода во секунда. Покрај главниот вод, вклучен е бајпас од 130 литри во секунда, „Митев мост“ 50 литри, Бедиње 35 литри и во функција се резервоарите од „Бајрам Шабани“ и населбата „Карпош“ кои дополнуваат вода за време на ноќните часови.

- За време на топлотниот бран најголема измерена потрошувачка изнесуваше 400 литри вода во секунда. Огромна потрошувачка има во ноќните часови. Сметаме дека граѓаните полеваат бавчи, полнат базени, речиси во секој двор има базени. Немаме недостиг, но сепак треба одговорно да се однесуваме кон водата, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојамновски.

Секоја година, потрошувачката на вода во јули е зголемена од 30 до 40 проценти во однос на јуни, што се должи и на зголемени температури. Според податоците кои претпријатието ги обезбедува преку скада системот, најмногу се троши вода во населбите каде има претежно куќи со дворови. Инаку, процентот на наплата од почетокот на годинава 73, 39 отсто, што е задоволително, а на тековната сметка изнесува 46,7 и се очекува да се зголеми до крајот на месецов. ам/ир

Фото: МИА

Остани поврзан