• сабота, 21 декември 2024

Кумановци добија безбедна вода за пиење

Кумановци добија безбедна вода за пиење

Куманово, 1 јуни 2024 (МИА) - По осум дена без вода кумановци ја добија потребната потврда од Агенцијата за храна и ветеринарство дека водата е безбедна за пиење. Граѓаните здивнаа, не мораа веќе да купуваат флаширана вода за пиење. Општата болница повторно примаше пациенти, објектите од детската градинка и домот за стари лица како институции веќе не мораа да набавуваат вода за најмалите и највозрасните. 

Агенцијата за храна и ветеринарство на 29 мај годинава соопшти дека водата од кумановски „Водовод“ е безбедна за пиење

- Добиени се задоволителни резултати од тестирањата во однос на физичко – хемиските и бактериолошките параметри, односно водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење, поради што АХВ ја укинува забраната за нејзина употреба која беше донесена на 23 овој месец, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Центарот за јавно здравје Куманово информираше дека резултатите од анализите направени на 25, 26, и 27 мај покажале дека водата е безбедна за граѓаните.

- Резултатите одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри, согласно правилникот за безбедност на водата за пиење. Водата е безбедна за пиење, кажа специјалист доктор Блерта Шаини Азизи.

Директорот на ЈП „Водовод“ Куманово, Оливер Стојамановски кажа дека водата во целиот водоснабдувачки систем е исправна и може да се користи и како вода за пиење.

- Воедно, се заблагодарување на граѓаните за трпението кое го покажаа, а со цел поефикасно и побрзо надминување на проблемот со водоснабдувањето. Трите последователни анализи покажаа дека водата е безбедна за пиење, се чекаше на резултат од институциите, рече Стојамановски.

Невремето во липковскиот регион се случи на 21 мај годинава. Пороен дожд и град ги уништи земјоделските култури, предизвика штети на куќи во оваа општина каде се сместени браните Липково и Глажња од каде со вода се снабдува Куманово. Утредента на 22 мај, јавното претпријатие „Водовод“ ги извести граѓаните дека утрото во 05 часот е затворен доводниот цевковод од Липково, и водата со зголемена матност се испушта во канализациската мрежа. Зголемената матност на водата ја забележале вработените во одделението за водоснабдувачки објекти во Фабриката за вода (Филтер станица) кои евидентирале дотур на вода од хидромелиоративниот систем Липково-Глажња со зголемена матност.

- Доводниот цевковод од Липково е затворен како не би дошло до позначителни штети на процесот на преработка на вода за пиење. Во моментот, а пред сè заради безбедност по здравјето на населението во Куманово водата којашто е со зголемена матност се испушта директно во канализациската мрежа што ќе доведе до недостиг на вода во системот за водоснабдување, информираат од ЈП „Водовод“.

Во тој период, како што објаснува раководителот на фабриката за вода, Тони Јовчевски, почнале да додаваат повеќе средства за пречистување кои не ја постигнале целта.

- Мораше да го намалиме односно да го прекинеме дотурот на сурова вода од акумулацијата, со тоа се намали и дотурот на вода за пиење во градот. Дотурот за пиење кон градот сè уште беше нормален додека имаше вода во резервоарите што беше во исто време квалитетна вода за пиење. Сè додека ја имаше на тој начин успеавме да не се загади градската мрежа чија работа би предизвикала и други последици, објаснува Јовчевски.

За да не предизвикаат штета и на филтрите ја пренасочиле водата кон канализациската мрежа.

Доктор Шаини објаснува дека по добивањето на информацијата од „Водовод“ презеле мерки за испитување.

- Искусниот тим од филтер станицата веднаш нѐ информираше за состојбата. Невремето беше на 21-ви мај во липковскиот крај каде што е и акумулацијата заради тоа се случи матност на водата. Водата влегува во слоевите на почвата и се измешала со почвата и беше заматена. Резулатите од 22,23 и 24 не беа исправни, после имавме три добри резултатите, вели докторката.

Проблем за кумановци беше кога се потроши резервоарот за вода. Граѓаните немаа вода цел ден. Тоа беше предизвикувачки за сите, особено за најмалите и највозрасните. Оние кои живеат во неколку населби и кои се снабдуваат со вода од алтернативните извори Бедиње и Проевце имаа вода. По извесен период беше пуштена вода која можеше да се користи како техничка, што им олесни на граѓаните. Дополнителен проблем за претпријатието беше и дефект, кој остави скоро цела населба без вода. Сепак, заради проблемот со вода граѓани од повисоките места немаа ниту техничка вода. Кумановци беа послушни и водата се користеше како техничка. Состојбата на инфективното одделение во општата болница цело време беше стабилна.

Од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ велат дека невремето ја предизвикало ерозијата на земјиштето околу браните.

- Од временските неприлики во липковско дојде до ерозија на земјиштето околу акумулациите Глажња и Липково кои се полнат од три реки и повеќе потоци. Од ерозија на земјиштето се замати водата во браната Липково од каде доаѓа водата до филтер станицата, рече раководителот на подружницата Оливер Илиевски.

Ерозијата продолжила и до раните утрински часови до 22 мај, заматената водата се пробила до тунелот кој води од браната кон „калишњак“ од каде се дели директниот вод за „Водовод“, останатите во системот за наводнување.

Водостопанство и „Водовод“ се координирале и одлучено било цевководите да бидат отворени и водата да се стабилизира.

- Мислам дека ваквата состојбата во Куманово не треба да се политизира, ова се временски услови кои не можеме да ги предвидиме. Во координација сме со „Водовод“ постојано, рече Илиевски.

Пред 20 години имала слична состојба се потсетува Јовчевски. На 11 јуни 2000 година водата во браните била заматена исто така по обилен дожд што го зафатил липковско.

-На пример ваков случај имаше прв пат во 2000 година тогаш требаше многу поголеми зафати затоа што целата акумулација беше многу позаматена отколку сега. Тогаш делумно беше испуштена самата акумулација на местото горе таму за да се доведе некоја вода која ќе може да се преработи. Тогаш немајќи ги и алтернативните извори како „Митев мост“ и Бедиње Куманово целата работа беше така скоро два дена. Градот беше целосно без вода, кажа Јовчевски.

Не постои можност да протече небезбедна вода во системот кажаа од Центарот за јавно здравје. Екипите испитуваат вода од десет различни локации во градот од „Филтер станицата“ до Зелен Рид. Постојано се испитува водата и од интерната лабораторија на претпријатието, од Центарот за јавно здравје, а потврда доаѓа и од Агенцијата за храна и ветеринство. Браните во моментов се полни и вода ќе има за кумановци.

Александра Максимовска


Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан