• недела, 22 декември 2024

Непредвидливоста на природните катастрофи ја отежнува проценката за потребните државни ресурси

Непредвидливоста на природните катастрофи ја отежнува проценката за потребните државни ресурси

Скопје, 17 февруари 2023 (МИА) - Природните непогоди се појавуваат без претходна најава, за нив не постои одредено време, ниту пак интензитет. Иако размерите и штетите на природните непогоди не може да се предвидат, она на што со сигурност може да се влијае е добрата подготвеност со високо обучен кадар и напредна опрема со цел полесно справување со штетите.

Медицински персонал, пожарникари, институции како Дирекција за заштита и спасување (ДЗР) и Центар за управување со кризи (ЦУК), се само дел од синџирот на органи кои во случај на поплави, пожари и земјотреси се на првата линија. МИА се обиде да најде одговор за тоа колку овие институции се подготвени да реагираат соодветно во првите 24 часа.   

Директорот на УК „ТОАРИЛУЦ“, Александар Трајановски за МИА вели дека никогаш не може да се излезе со изјава дека во целост сме подготвени да се справите со секакви катастрофи и елементарни непогоди, затоа што не се знае од каков размер ќе бидат и што ќе донесат тие.

-Она што можеме е да бидеме подготвени со персонал, опрема и со простор за да се соочиме со предизвикот. Клиниката за „ТОАРИЛУЦ“ тоа го покажа многу добро особено во изминативе неколку години. Освен тоа, во склоп на „ТОАРИЛУЦ“ се Ургентниот центар, единствен од ваков тип во земјава, каде 24 часа се згрижуваат лица од сите возрасти, кои имаат ургентни состојби од хируршка, па и интернистичка, природа и „КАРИЛ“, кој е централна единица за интензивна нега во земјава. Пред неколку години, „ТОАРИЛУЦ“ за само неколку часа ги згрижи повредените од Ласкарци, кои не беа во мал број. Во пикот на епидемијата со коронавирусот во „ТОАТИЛУЦ“ беа згрижени најтешките случаи од кои најголем дел беа на механичка вентилација. Короната беше нешто што никој не можеше да го предвиди, ниту пак да се подготви за тоа, а сепак се справивме со предизвикот, нагласува Трајановски.

Во моментов, како што посочува, не постои недостиг од медицински кадар на која било од клиниките во склоп на „ТОАРИЛУЦ“.

-Имаме доволно лекари и среден медицински персонал. Одлично сме опремени со медицинска опрема, голем дел добивме во периодот на пандемијата, а во последниве две години се реновирани Клиниката за трауматологија, Клиниката за ортопедија и Ургентниот центар. Годинава, се планира реконструкција и на „КАРИЛ“. Имаме нови реновирани капацитети, нова опрема и кадар кој е на највисоко стручно ниво од областа на трауматологијата, ортопедијата, ургентната медицина и анестезијата, истакнува Трајановски.

Повредите настанати од земјотреси, како што посочува, се од различна патологија, затоа што се работи за лица кои биле под урнатините на објекти и имаат различни внатрешни повреди, скршеници и фрактури, повреди на дишни патишта и слично.

-Тоа е сѐ ургентна патологија што во прв момент се тријажира во Ургентниот центар и се препраќа потоа на соодветно лекување во одредена хируршка клиника, дали тоа ќе биде трауматологија, абдоминална, торакална хирургија и слично. Сите овие повреди, за нас не се нови. Тоа е патологија која се работи постојано. Различен може да е само причинителот. Лекарите кај нас секојдневно се соочуваат со фрактури и повреди на внатрешни органи, како последица на различни незгоди и сообраќајни незгоди, подвлекува Трајановски.

Ургентниот центар, како што вели, има лекарски и средно медицински персонал, кој е доволен обучен да излезе во пресрет и да тијажира и до 100 пациенти дневно, колку што е просекот во едно деноноќие.

-Ќе напоменам уште еднаш дека Ургентниот центар е дел од „ТОАРИЛУЦ“ и дека тука се секогаш анестезиолозите од „КАРИЛ“ и хирурзите од Трауматологија и Ортопедија. Од друга страна, во услови на елементарни непогоди се носат посебни уредби во кои се мобилизира целиот расположлив медицински персонал и се прави посебна организација во зависност од типот и големината на незгодата. „ТОАРИЛУЦ“ располага со медицинско возило, но, во суштина тоа не менува многу, затоа што пациентите до клиниката доаѓаат со возила на Брза помош, која е одговорна за транспорт на повредени лица во земјава и за тоа постои цел систем на организација.  Ургентниот центар пак е сместен во зградата на хируршките клиники и сите понатамошни трансфери се прават во склоп на самата зграда, без да има потреба од возила. Доколку има потреба, сепак да се пренесе пациент во друга зграда во комплексот „Мајка Тереза“, што е малку веројатно, за тоа постојат возила од Службата за заеднички работи, појаснува Трајановски.

Според него, нема потреба да се прави паника и хистерија за нешто што не знаеме дали и воопшто ќе се случи.

-Од друга страна, паниката не му одговара никому. Ниту на населението, ниту на нас, здравствените работници. Ние сме обучени да го работиме она што го работиме секојдневно. Даваме лекарска помош, спасуваме животи. За нас секоја повреда е иста и бара соодветен третман, без оглед дали настанала како последица на земјотрес, сообраќајна незгода, повреда на работно место. Веќе покажавме со пандемијата дека можеме да ги згрижиме сите пациенти и да им пружиме лекарска помош и на најтешко болните. Покажавме со Ласкарци и впрочем покажуваме секој ден со нашата работа, категоричен е Трајановски.

И директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Љубен Арсенков во разговор за МИА посочува дека во случај на силен земјотрес во Скопје, не би требало да има проблеми со медицинска помош, но, нагласува дека сѐ зависи и од димензиите на една несреќа.

- Ние сме клиника за хируршки болести, установа којашто третира пред сѐ хируршки пациенти. Значи немаме други интерни одделенија, очно, ушно. Како таква установа, во случај на такви масовни несреќи, земјотреси, секако дека ќе бидеме можеби и први на удар или со оглед на местоположбата, располагаме со околу 100 кревети по одделение или околу 15 кревети во интензивна нега и шок соба. Има обучен медицински кадар. Хирурзи, анестезиолози, медицински сестри, болничари. Медицински тим од најразлични специјалности. Располагаме  со сите специјалности, освен кардиохирургија и торакална хирургија, појаснува Арсенков за МИА.

Меѓутоа, како што додава, во случај на потреба, би се правеле конзилијарни прегледи, би се викале колеги.

- Бидејќи во такви несреќи, најчесто се случува да има потреба од еден мултидисциплинарен пристап и колеги од повеќе специјалности ќе треба да земат учество, посочува Арсенков.

Проблеми, според него, не би требало да има.

- Но, сѐ зависи и од димензиите на таква некоја, не дај Боже, несреќа. Мислам дека системот е подготвен за преадаптација во новонастанати услови како што впрочем беше и за време на пандемијата. Многу одделенија, на пример, што не се занимаваа со таа болест, се адаптираа и од кадровски аспект и од други потребни просторни капацитети, истакнува Арсенков.

Од Територијалната противпожарна единица Скопје, кои исто така се мобилизираат во случај на големи елементарни непогоди, велат дека имаат обучени пожарникари и дека ќе одговорат со се она со кое располагаат.

- Ние сме само дел од системот. Покрај пожарите, ние сме и сили републички. Од Дирекцијата за заштита и спасување ги имаат сите ресурси. Од Дирекцијата ги располагаат сите ресурси, што се однесува за заштита и спасување. Тие распоредуваат опрема, ангажираат механизација. Ние сме само мал сегмент, еден дел од целиот тој систем. Ние ќе одговориме со она со што располагаме, во системот. А системот е Дирекцијата за заштита и спасување. Тие распоредуваат кој, што, каде, како. Имаме обучени пожарникари, веќе имаме пратено колеги во Турција. Имавме колеги што беа во Албанија, Црна Гора, Босна, вели во изјава за МИА командантот на ТППЕ на Скопје, Звонко Томески. 

Од друга страна, од Дирекцијата за заштита и спасување за МИА велат дека во случај на кризна состојба како што се земјотресите располагаат со два тима од вкупно 70 луѓе обучени по европски стандарди, а дополнително располагаат со осум тимови од по осум луѓе, а исто така постои и тим кој вклучува луѓе од различни професии кои би одговориле соодветно на кризите.

Во однос на опремата што ја поседуваат и користат, од ДЗР информираат дека таа се состои од воздушна опрема за подигање на товар како што се перници на подигање, хидраулични макази за сечење, хидраулична опрема за подупирање, електричен алат за пробивање на ѕидови, рачен алат за пробивање и слично.

Земјотресот во Турција и Сирија е пример дека со природата нема калкулации

Земјотресите во Турција и Сирија со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, а потоа и последователен потрес со јачина од 6,7 степени на длабочина од 9 километри кои се случија на почетокот на месецот се најсвеж пример којшто потврдува дека една држава колку и да е подготвена, не може да се соочи со моќта на природата.

Од ЦУК велат дека најновите податоци од последиците по земјотресот во Турција, посочуваат на тоа дека оваа богата држава која има изграден и квалитетен, а и добро финансиран и организиран систем за управување и справување со природни несреќи и катастрофи, сепак не може целосно сама да се справи со природната катастрофа и последиците од неа.

-Очигледно, согласно кажаното и податоците, во светот се поорганизирани системите за помош при несреќи и катастрофи од поголем размер. Република Северна Македонија, како демократска земја, партиципира во овие системи како што е системот на НАТО – конкретно Центарот за комуникација и координација за несреќи на НАТО, сличен центар во Европската унија, како и Центарот на Обединетите нации за координација. Покрај државните – владините институции и служби, паралелно функционираат и невладините организации и доброволни здруженија, како на пример Црвениот крст и Црвената полумесечина што во случај на катастрофи се вклучуваат во справувањето со последиците и давањето помош на настраданите во конкретна земја, односно секаде во светот, велат директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов и државниот советник со долго искуство во одбраната и безбедноста Драги Тарчуговски во Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Прес-конференција на директорот на ЦУК Стојанче Ангелов (во живо)

Посочуваат дека прашањето со колкав човечки капацитет и опрема во моментот располагаме во случај на кризна состојба, како што се земјотресите, е комплексна и широка тема.

- Структурата на квалитетот на изложената инфраструктура на ризикот, структурата на изложеното население, според пол, возраст, здравствена состојба и други демографски детали, како и преземените превентивни стратешки мерки на долг рок се најеклатантен пример за согледување на активностите за превенција и справување со ризиците од природни катастрофи, велат тие.

Советуваат дека е важно граѓаните да внимаваат во своето непосредно опкружување внатре во домовите и во работните простории да ги поставуваат предметите на начин што би бил безбеден при земјотрес, поточно да бидат стабилно и цврсто поставени, за да не повредат луѓе во случај на придвижување.

- Познато е дека „земјотресите не повредуваат и не убиваат, туку предметите во градбите и лошо изградените објекти, згради без асеизмички стандарди, вели директорот на ЦУК, Ангелов.

Блаже Дарудов и Симона Србиноска

 

Остани поврзан