• четврток, 27 јуни 2024

За некои жители на руските провинции војната во Украина е пат кон просперитет

За некои жители на руските провинции војната во Украина е пат кон просперитет

18 јуни 2024

Радио Слободна Европа

Далеку од огромните стаклени облакодери, широките булевари и луксузните ресторани на Москва и Санкт Петербург, во често занемарените делови на Русија, се случува нешто важно. Токму сиромашните региони како Тива, Бурјатија и Чувашија се несразмерно застапени во билансот на загинати и тешко повредени Руси, кои биле испратени да се борат во војната против Украина, пишува на англиски редакцијата на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Сепак, мажите сe уште се пријавуваат за борба, привлечени од многу високи плати. Ист е случајот и со натпросечната заработка во одбранбените фабрики каде со полна брзина се произведуваат тенкови, оружје и друга опрема. Тие плати, заедно со смртните бенефиции за вдовиците и децата, како и бенефициите за ранетите, се слеваат во регионите, полнат банкарски сметки и ја „тресат“ локалната економија на начин невиден од распадот на Советскиот Сојуз - овојпат на подобро.

„Во тек е преструктуирање, од запад кон исток“, рече Екатерина Курбангалева, руски политиколог кој сега живее надвор од земјата. „Земјата помина низ големо преструктуирање, свртувајќи се кон исток, каде што течат парите.Двоглавиот орел сега почнува да гледа во друга насока“, рече таа во интервјуто, алудирајќи на националниот амблем на Русија.

„Некои сектори и некои региони станаа победници во новата руска економија ориентирана кон војна“, се вели во трудот објавен минатиот месец од лондонскиот Центар за истражување на економската политика. „Ова е особено точно во некои од најсиромашните региони на Русија, каде што војната им понуди на многу луѓе социјална мобилност што не беше достапна во претходните децении од реинтеграцијата на Русија во глобалната економија.

Резултатите не се само економски. Има и политичка поддршка за војната и покрај црниот биланс: повеќе од 315.000 загинати и ранети, според американските проценки. Британските проценки велат дека бројот на жртвите е близу 500.000.

И за Русите кои им замеруваат на милионерите кои се појавија преку ноќ во хаотичните 90-ти на минатиот век, како и на оние кои имаа помала корист од растот на просперитетот на почетокот на овој век, тоа дава чувство дека грешките од минатото се поправена.

„Големото прераспределување на ресурсите во корист на помалку богатите поттикна широка промена во перцепцијата за правдата за прв пат од 1990-тите“, напиша Денис Волков, директор на истражувачката организација Левада Центар.

За време на неговиот 25-годишен мандат, рускиот претседател Владимир Путин ја изгради својата популарност главно на просперитетот што земјата го доживеа во 2000-тите, додека земјата го прошири извозот на нафта и гас и се возеше на бранот високи глобални цени. Растот создаде вистинска средна класа, но просперитетот беше нерамномерен, главно концентриран во традиционалните центри на богатство - Москва и Санкт Петербург, а во помала мера во регионалните градови како Екатеринбург или Новосибирск. Кремљ ја наполни националната каса на „фондот за дождливи денови“ со вишок приходи.

Економијата беше уништена од глобалната економска криза во 2008 година, а шест години подоцна од западните санкции, воведени откако Кремљ го анектираше украинскиот полуостров Крим.

Кремљ се обиде да ги поттикне инвестициите во далечната внатрешност на земјата, а во 2019 година Путин започна шестгодишна програма „Национални проекти“ од 400 милијарди долари, насочена кон области како што се образованието, здравството, науката, патиштата и друга инфраструктура.

Потоа следеше инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Кремљ и воените команданти очекуваа брза победа, но беа соочени со решителни и способни украински сили, вооружени од Западот.

Во септември 2022 година, Путин ја најави првата мобилизација на војната, привлекувајќи 300.000 луѓе, главно резервисти, за да ги надомести сериозните загуби во воените единици. Воените регрутери, исто така, почнаа да ги зголемуваат платите и бенефициите за војниците волонтери. Тоа го правеа и приватни воени компании како што е сега веќе непостоечката групација Вагнер. Признавајќи дека конфликтот во Украина се претвора во долга војна, Кремљ, исто така, прилагоди големи делови од индустриската економија за да ги вооружи и опреми руските сили.

Во август 2022 година, просечната плата во цела Русија беше околу 62.000 рубли месечно (700 долари по тековниот девизен курс). Сепак, во посиромашните региони платите во некои случаи беа значително пониски, според истражувањето на

Институтот за економии во развој на Банката на Финска. Во Северен Кавказ, просечната месечна плата во 2022 година беше само 35.000 рубли (400 долари). Мажите кои волонтираа да се борат во Украина, исто така, добија бонуси за потпишување до 700.000 рубли (7.860 долари) - повеќе од целата годишна плата на многу од нив. Според декретот од март 2022 година потпишан од Путин, војниците повредени на бојното поле добиваат три милиони рубљи (33.700 долари) како компензација; семејствата на загинатите војници во меѓувреме добиваат пет милиони рубљи. Двете суми се големи, особено за посиромашните региони на Русија.
Исплаќајќи високи плати на борците, Кремљ избегна потенцијално многу непопуларен втор круг на мобилизација. На почетокот на јуни, на економска конференција, самиот

Путин се пофали со тоа колку доброволци се пријавиле за борба.

„Наместо строга мобилизација, владата плаќа огромни суми пари на оние кои потпишале воени договори“, рече Курбангалеева.

Жена (21) од Чебоксари, главниот град на регионот на реката Волга во Чувашија, рече дека нејзиниот брат бил убиен на почетокот на април во близина на Авдијевка, жариште на тешки борби во Украина. Таа вели дека на нејзината свекрва, сега самохрана мајка на две мали деца кои живеат во село надвор од Чебоксари, и било кажано да очекува пет милиони рубљи (56.000 долари) како компензација за смртта на нејзиниот сопруг.

„Никогаш не живееле луксузно, туку скромно. Никогаш не оделе во одморалишта или на одмор“, вели една жена која не сакала нејзиното име да биде објавено поради страв од последици.

„Штедеа. Имаше пари, но никогаш доволно, па брат ми отиде да се бори. Отиде таму за пари. Каде можеш да заработиш така во Чувашија?“, додаде таа.

Русија, исто така, сега има околу 6.000 воено-индустриски погони и сродни бизниси, што е трикратно зголемување од периодот пред инвазијата во 2022 година, забележува Елина Рибакова, виш соработник на Институтот за меѓународна економија Петерсон и виш директор на Економската школа во Киев.

Повеќе од 3,5 милиони луѓе работат во овие фабрики, кои работат 24 часа на ден, шест дена во неделата.

Платите, пак, се зголемија од 20 на 60 отсто по инвазијата, вели Рибакова во написот објавен од Фајненшл тајмс. Понатаму, многу компании нудат исклучоци од испраќање да се борат во Украина.

Курбангалеева го наведува примерот на нискоквалификуван кројач или шнајдер кој работи во фабрика како илустративен: на крајот на 2021 година тој или таа би можел да има месечна плата од 15.000 до 20.000 рубли, додека сега платите се околу 120.000 до 130.000 рубли.

Павел Лузин, експерт за руската воена и одбранбена индустрија, рече дека се сомнева дека приходите од посиромашните региони создаваат фундаментални промени во локалните економии. Ако ништо друго, рече тој, ја поттикнува инфлацијата која лани изнесуваше 7,3 отсто, а годинава се предвидува дека ќе надмине пет отсто

„Плаќањата за (воени) загуби не се претвораат во финансиски капитал“, рече тој за РСЕ. „Парите се трошат само за покривање на банкарски заеми и итните потреби на членовите на семејството за купување станови, автомобили или изградба на куќи. Меѓу другото, овие плаќања придонесуваат за висока монетарна инфлација низ цела Русија.
Сепак, сегашната распределба на богатството може да се гледа како контра-пример на она што се случи во 1990-тите, кога високата инфлација, приватизацијата, падот на рубљата и системските нарушувања го исцицаа просперитетот од руските провинции, рече Лаура Соланко, аналитичар во Банката на Финска.

„Но, ако размислуваме за ерата на Путин, ништо слично не ни паѓа на ум“, изјави таа за РСЕ.

Протокот на плати и бенефиции за посиромашните региони не само што поттикна експлозија на економската активност на локално ниво, туку и „купи“ поддршка за продолжување на украинската војна, велат експертите.

„За руските граѓани, одлуката да се поддржи војната повеќе не е само под влијание на политичката реторика и пропаганда; таа сега е исто така поттикната од прагматизмот“, напиша Курбангалеева во написот за Карнеги фондацијата за меѓународен мир.
„Чувството на нормалност во голема мера е поврзано со социо-економската стабилност, за чие одржување државата издвои значителни ресурси“, напиша Волков од Центарот Левада во статија за Форбс.

Поголемото прашање е: колку е одржливо, да речеме, ако војната заврши утре?
Андреј Јаковлев, руски економист и соработник на Дејвис центарот за руски и евроазиски студии на Универзитетот Харвард, рече дека демобилизираните војници сè уште ќе очекуваат високи плати, како и добро платени работници во фабриките, доколку се намали производството во одбранбените капацитети.

„Од политичка гледна точка, тоа може да биде опасно за Кремљ“, изјави тој за РСЕ.
„Би било поевтино за Кремљ да ги задржи сите војници на линијата на фронтот. Затоа што ако се вратат во Бурјатија, Чувашија, повторно се соочуваат со многу пониски плати. Нема приближен приход што би можел да се обезбеди за тие луѓе во регионите.

„Како што велат на руски“, заклучува Курбангалева, „за едни војната е пекол, за други добро се плаќа“. зш/

 

Остани поврзан