• петок, 05 јули 2024

Во Ново Село протест на екологисти против изградба на топилница за отпаден алиминум

Во Ново Село протест на екологисти против изградба на топилница за отпаден алиминум

Ново Село, 4 јули 2024 (МИА) - Во организација на граѓанската иницијатива „Еко Долина“ од Ново Село, со поддршка од „Здрава котлина“, граѓанската иницијатива „СТИГА Е“ и други еколошки организации, денеска пред општинската зграда на Ново Село се одржа протест против изградбата и отворање на топилница за отпаден алуминум.

Екологистите обвинуваат дека објектот се гради во подножјето на планината Беласица, на 50 метри од течението на реката Струмица и на само 80 метри од главниот извор за водоснабдување на Ново Село.

Бараат да се поништи решението на Управата за животна средина од лани за одобрување на елабаротот за изградба на топилницата, да се одземат ингеренциите на Општина Ново Село за издавање градежни дозволи и да се изврши ревизија на работењето на Општината. Бараат и неотповиклива оставка од градоначалникот Ѓорѓе Божинов.

- Нема да дозволиме на само 80 метри од изворот на вода да се гради топилница за отпаден алуминум, рече екологистката Оливера Аризанова Мансбарт.

Ѓорги Танушев од Иницијативата „Стига е“ истакна дека е лага оти топењето и рециклирањето на алуминиумот не загадува.

- При топењето се користат супстанци кои продираат во почвата. Овој отпад треба да се складира на посебни места за да не истече, бидејќи ако истече ќе направи катастрофа. Алуминумот е една од најтешките, проблематични супстанци кои влијаат на здравјето, пред се на децата, истакна Танушев.

Денешниот протест го поддржа и Левица, која објави дека во континуитет стои на страната на здравата животна средина и обезбедување на квалитетни услови за живот на граѓаните.

- Ниту еден зелен и чист предел не смее да се уништи на сметка на богатењето на олигарсите. Доколку се потврди дека станува збор за загадувачка индустрија, Левица ќе продолжи да ги поддржува загрижените граѓани, стои во поддршката од оваа партија. рт/бак/

Фото: „Здрава котлина“

 

Остани поврзан