• сабота, 16 ноември 2024

Започнаа 57- те Детски Рацинови средби

Започнаа 57- те Детски Рацинови средби

Велес,15 ноември 2024 (МИА) - Со програма насловена „Бдеење пред муграта“ што вчера попладне се одржа на Спомен костурницата од НОВ  во Велес, каде меѓу стотината борци почива и Коста Солев Рацин,  започна програмата на 57-те Детски Рацинови средби што ги организираат Општина Велес и МДПС „Премиера“.

Програмата продолжува денеска во 10 часот со дефиле „Цветен пат за Рацин“ на кој ќе учествуваат најмладите - децата од градинките, а ќе се одржи пред споменикот на Кочо Рацин во Гимназијата која со гордост го носи неговото име.

Утре - сабота  во 13,30 часот во салата на локалната библиотека „Гоце Делчев“  ќе биде свеченото доделување на наградите по распишаниот литературен и ликовен конкурс за основците и средношколците од земјава. Овие ученици - учесници на Рациноците средби, литературни и ликовни творци се продолжувачи на творештвото на Рацин.

Детските Рацинови средби се еден од симболите на Велес, што веќе 57- ма година континуирано се одржува во чест на големиот македонски поет и револуционер Коста Солев Рацин кој е  роден и живеел во Велес во грнчарското семејство Солеви во стариот дел на градот. Неговата родна куќа е Спомен куќа на Рацин  која е најпосетувана од домашните и странски туристи на Велес,а се посетува и за време на Рациновите средби од страна на учесниците и домаќините.

На колцето на кое работел и Рацин  во изминатите години за основците се одржуваше и грнчарска работилница.ад/са/

Фото: МИА

Остани поврзан