• сабота, 16 ноември 2024

Запис со стихови и потпис на Џими Хендрикс проценет на 10-ци илјади евра

Запис со стихови и потпис на Џими Хендрикс проценет на 10-ци илјади евра
Лос Анџелес, 21 февруари 2022 (МИА) - Два дела од ретки рачно напишани стихови потпишани од легендарниот гитарист Џими Хендрикс, беа споени 55 години подоцна. Американскиот музичар бил во раната фаза од својата кариера кога неговиот бенд „Џими Хендрикс експериенс“ свирел во „Бет павиљон“ вечерта на 20 февруари 1967 година, заменувајќи го Чак Бери, кој го откажа настапот. Пред концертот, две тамошни девојки на 15 и 16 години дошле на вратата од зад сцената заради автограм. Хендрикс излегол на вратата, но бидејќи немал празна хартија, искинал страница од својата тетратка, на половина, па ги потпишал двата дела. Свои потписи ставиле и другите двајца членови на бендот - Мич Мичел и Ноел Рединг. Но, тинејџерките освен автограмите добиле и рачно напишани стихови со наслов „51-годишнина“. Само три седмици подоцна во Велика Британија, „51st Anniversary“ беше објавена како Б-страна од вториот хит-сингл на Џими Хендрикс - „Purple Haze“. Двете другарки подоцна се оддалечиле бидејќи нивните животи тргнале во различни правци, а со нив и двете половини од песната. Но, една од нив лани се обратила до продавницата за сувенири „Тракс лимитед“ (Tracks Limited) од Ланкашир за да го оцени нејзиниот комплет автограми. На барање на „Тракс“, таа успеа да ја најде својата пријателка во Бат - и покрај ограничениот контакт последниве пет десетлетија, а таа исто така го зачувала нејзиниот дел од ливчето. - Има екстремно малку ракописи на Џими Хендрикс, а уште помалку потпишани од Џими и уште двајца членови на „Експириенс“, изјави Пол Вејн од „Тракс“. И двете жени, кои претпочитаат да останат анонимни, се согласиле да ги продадат своите половини од ракописот, којшто сега се проценува на сума од пет цифри. „Тракс“ наскоро ќе го понудат ракописот на наддавање.

Остани поврзан