Заврши Буџетскиот форум во Делчево, изградба на Старечки дом прв приоритет на граѓаните
- Изградба на старечки дом е избран за прв приоритет на завршната форумска сесија од Буџетскиот форум во Делчево. На третата форумска сесија која се одржа вчера, активно учествуваа претставници од месните и урбаните заедници, од граѓанскиот сектор и институции. Како што информираше Тони Стоименовски од Општина Делчево согласно со гласањето според изработената предлог-листа на приоритети од претходните две сесии, избрани се вкупно 51 приоритетен проект и 18 препораки.
Делчево, 7 декември 2023 (МИА) - Изградба на старечки дом е избран за прв приоритет на завршната форумска сесија од Буџетскиот форум во Делчево. На третата форумска сесија која се одржа вчера, активно учествуваа претставници од месните и урбаните заедници, од граѓанскиот сектор и институции. Како што информираше Тони Стоименовски од Општина Делчево согласно со гласањето според изработената предлог-листа на приоритети од претходните две сесии, избрани се вкупно 51 приоритетен проект и 18 препораки.
-Според освоените бодови, се селектираше и листа од 10 приоритетни проекти меѓу кои петте најважни се изградба на старечки дом, изградба на кружни текови во Делчево, изработка на техничка документација на нов објект-куќа на културата за „Копачката“, Локалниот музеј на Делчево и библиотеката, пристапност со лифтови за ученици со инвалидитет во сите училиште и изградба на тротоар и осветлување од потегот на бензиската пумпа „Дади-компани“ до новиот градски пазар, истакна Стоименовски.
Останатите предложени 51 проект, како што додаде, ќе бидат земени предвид и нивната реализација нема да зависи од ранг-листата, туку од техничката изводливост и финансиските капацитети на Општината.
-Со одржувањето на третата форумска сесија заврши форумскиот процес за креирање на буџетот за 2024 година на Општина Делчево во кој активно учествуваа граѓаните. Целта на организација на форумите е граѓанско учество во процесот на донесување на одлуки, во случајот, приоритетните проекти за реализација за наредната година, додаде Стоименовски.
Форумите се во организација на Регионалниот центар за застапување и Општина Делчево. вс/дма/
Фото: МИА