• петок, 16 август 2024

Етна повторно еруптираше, затворен аеродромот во Катанија

Етна повторно еруптираше, затворен аеродромот во Катанија

Рим, 15 август 2024 (МИА) - Вулканот Етна еруптираше во текот на ноќта, поради што беше затворен блискиот аеродром во Катанија, на источниот брег на Сицилија, соопшти италијанскиот Институт за геофизика и вулканологија (ИНГВ).

Вулканот исфрли големо количество чад и гасови до висина од 9,5 илјади метри. Раководството на аеродромот во Катанија најави дека ќе биде затворен до 18 часот по локално време.

Раководството извести дека пепелта ги покрила авионите и пистите и дека работата ќе продолжи кога инфраструктурата повторно ќе профункционира.

„Ги замолуваме патниците да не доаѓаат на аеродромот пред да го проверат статусот на нивниот лет“, соопштија од аеродромот и предупредија на значителни доцнења.

Темна прашина ги покри куќите и улиците низ Катанија.

Етна, висок 3.350 метри, е најголемиот активен вулкан во Европа. Често еруптира, и е под постојан надзор, а неговите спектакуларни ерупции секогаш привлекуваат голем број љубопитни луѓе. ссм/

фото: архива

Остани поврзан