• сабота, 17 август 2024

Повторно штрајк на индиските лекари поради силувањето и убиството на нивна колешка

Повторно штрајк на индиските лекари поради силувањето и убиството на нивна колешка

Њу Делхи, 16 август 2024 (МИА) – Индиските лекари денеска стапуваат во 24-часовен штрајк во знак на протест поради силување и убиство на лекарка во медицинскиот колеџ во Калкута.

Лекарите, посебно жените се изложени на насилство поради природата на професијата. Власта треба да осигури безбедност на лекарите во болниците и кампусите, соопшти Индиското медицинско здружение.

Политичките партии во земјата, вклучително и партијата Баратила Џаната на премиерот Нарендра Моди, најавија дека ќе учествуваат на протестите најавени за денеска, а свое учество најавија и боливудските актери и други познати личности.

Тоа не е прв штрајк на индиските лекари кои бараат подобри и побезбедни услови за работа. Лекарите во државните болници во Индија на 12 август стапија во штрајк во знак на протест поради силувањето и убиството на лекарката.

Пред два дена илјадници жени ширум Индија протестираа поради насилството врз жените.

Телото на 31-годишната лекарка беше пронајдено на 9 август во државната болница во Калкута, во индиската држава Западен Бенгал. Обдукцијата потврди дека таа била силувана и убиена. Полицијата уапси маж кој работел во истата болница како и жртвата. Тој им пружал помош на пациентите во чекалните.

Сексуалното насилство врз жените е широко распространето во Индија. Во 2012 година во автобус во Њу Делхи до смрт групно беше силувана 23-годишна студентка. Во земјата со 1,4 милијарди луѓе во 2022 година дневно се пријавувале речиси 90 силувања. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан