• четврток, 19 декември 2024

Пандов за избеганите затвореници: Не станува збор за класично бегство, туку за злоупотреба на погодности

Пандов за избеганите затвореници: Не станува збор за класично бегство, туку за злоупотреба на погодности

Скопје, 15 август 2024 (МИА) – Во врска со избеганите затвореници од затворите низ државава, директорот на управата за извршување на санкции, Александар Пандов, информираше дека не станува збор за класично бегство од затвор преку префрлување на ѕид, жица или копање тунел, туку, станува збор за злоупотреба на погодности. Директорот  КПД „Идризово“, Зоран Јовановски се надоврза дека вкупно 111 затвореници од постоењето на затворот, на кои што им биле дадени погодности, биле пуштени на викенд, но не се вратиле.

- Да ги расчистиме термините. Бегство, јас барем претходно што сум подразбирал, е префрлување преку ѕидини, жица, копање на тунел, овие 111 се луѓе на кои што им биле дадени погодности, биле на викенд, требале да се вратат до 19 часот вечерта во недела, не се вратени и тоа е веќе бегство. Не е класично бегство, рече тој одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по отворањето на реновирнаото „петто“ крило во Затворот „Идризово“.

Дополни дека пред две недели имале обид за бегство со буквално префрлување преку ограда, при што затвореникот бил фатен, соборен и вратен во затвор.

-Такви бегства се многу ретки во Македонија, но самиот термин бегство се користи и за оние кои што после погодностите кои што им се дадени, не се вратени на време, или, воопшто не се вратени. Морам да потенцирам дека овие бројки што се појавуваат сега, ете вчера имаме за затворот во Струмица, каде што има 23 бегства, меѓутоа не биле евидентирани, не биле кажани во јавност. Со доаѓање на новиот директор на првото пребројување, тој констатира дека толку луѓе недостасуваат, односно, од тие, 18 се во бегство од 2020 година, неколку од нив во 2024 година, појасни Пандов.

Пандов информираше дека некои од избеганите затвореници се вратени, некои не.

На прашањето за бегството на Блерим Рамадани од куќниот притвор, Пандов одговори дека нема таква информација.  

- Тоа во Министерството за внатрешни работи треба да видите. Кај нас е затворено или притворено лице. Тоа се луѓе или се осомничени и се сместени во притворски одделенија или имаат полноправна пресуда и се упатени на одлежувње на затворска казна. Таквите лица се под МВР, рече тој.

Во врска со неговата вчерашна посета на затворот „Скопје“, директорот на Управата рече дека затворот во Шутка мора итно да се огради.

- Во затворот „Скопје“ или „Шутка“ како што го препознаваат, има делови каде што нема ограда, или е ниска оградата на метар – метар и половина. Едноставно, во тој затвор само човек кој што не сака да излезе нема да излезе од него. Ако некој има намера да избега од таму може да избега, рече тој.

Управата за извршување на санкциите потврди дека затворски полицаец од КПУ Затвор - Скопје во Шутка е позитивен на коронавирусот и дека се добиени информации за сите контакти кои ги  имал на

За притворското одделение од затворот „Шутка“, пак, како што рече „таму куче да врзеш за краток период ќе попушти и со здравје и со мозок и со сè“.

- Има таму ќелии што се потчовечки, не достоинство, па тоа јас на филм го немам видено. Во одредени ќелии кај што влегов, сега се наежив, тоа е под секакво човечко достоинство и срамота е за нас како држава што сме го дозволиле особено ова. Седум години имаа тоа да го поправат, тоа е страшно, језиво, да ве внесат таму нормален здрав човек со три чисти во глава за краток период ќе попушти, посочи Пандов. 

Директорот информираше дека има затвори во Македонија, како што се отвореното или полуотвореното одделение во Идризово, кои се пуштени 2018 година и се изградени по стандарди на ЕУ.

- Тие се супер модерни згради каде што, сега, во затвор си, тоа се нарекува ќелија, меѓутоа е супер чисто, со телевизор, со сите човечки услови и супер достоинство да може да си ги одлежат своите затворски казни, затоа што сепак тоа се затвореници, имаат некоја вина направено спрема некои физички или правни лица па затоа се во затвор, рече тој.

Директорот информираше за успешна акција во која што бил фатен затвореник кој користел поволности, а во своето тело внесувал 50 грама дрога. Дополнително, пред две недели во затворот „Скопје“, како што рече, бил фатен затворски полицаец како внесува во пакетче цигари наркотични средства. 

- Тоа постои, меѓутоа, уште повеќе од тоа решеност кај нас сега, и мене како директор на Управата за извршување санкции, новите директори кои што се назначени, сето тоа да се сведе на минимум и да ги намалиме и криминалот и корупцијата. Со сопствени средства сега колку можеме да ги подобриме условите, и она најважно што е за нас како граѓани на Македонија, да се пристапи кон втората фаза на изградба на затворот „Идризово“ затоа што ние кога говориме за затворски систем, имаме Затвор „Идризово“ и останати, до 60 проценти од затворениците се сместени во затворот Идризово. Исто така, не е мал затворот Скопје, Штипскиот, Прилепскиот, некаде се до 100 затвореници, некаде нема ни 50, а 12 затвори се во Македонија, рече Паноов.

Директорот, исто така, информираше дека во моментов се прават плановите за вработување за 2025, при што увиделе дека недостигаат од 200 до 300 затворски полицајци низ затворите во земјава. 

- Дел се паднати во разни акции, дел се во пензија, а дел, сега особено после промената, веројатно свесни дека нема шала, дека веќе се менува системот, сами напуштаат, рече тој.

Во Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска беше пуштено во употреба реновираното „петто“ крило. Крилото ќе обезбеди дополнителен капацитет за 100 затвореници, кој ќе ги растерети останатите одделенија. Реновирањето е финансирано од донации, а се очекува и изградба на целосно ново затвор. ар/нд/

Фото: МИА 


Остани поврзан