• сабота, 27 јули 2024

Ердоган и Мицотакис ја потврдија добрата клима меѓу двете земји и се согласија дека не се согласуваат околу Хамас

Ердоган и Мицотакис ја потврдија добрата клима меѓу двете земји и се согласија дека не се согласуваат околу Хамас

Атина, 13 мај 2024 (МИА) - Актуелната клима во билатералните односи дава важен придонес за зајакнување на стабилноста во регионот, пишува меѓу другото, во заедничката изјава на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по нивната средба во Анкара, кои паралелно соопштија формирање турско-грчкиот бизнис совет и потпишување договор за соработка во областа на здравството и медицинските науки, јави дописничката на МИА од Атина.

Заедничката изјава на Ердоган и Мицотакис ја истакнува посветеност на двете страни за консолидирање на сегашната позитивна клима согласно Атинската декларација за пријателски односи и добрососедство од 2023 година, но и можноста за понатамошна соработка, како и потребата да се одржуваат ефективни канали за комуникација на повеќе нивоа, „во корист на двете нации во атмосфера на пријателство и заемна доверба“.

На прес конференцијата по средбата турскиот претседател и грчкиот премиер говореа за билатералните односи, но и за регионалните прашања, а двајцата се фокусираа и на т.н. позитивна агенда.

Мицотакис порача дека „до нашите несогласувања можеме да испишеме една паралелна страница со работите за кои се согласуваме“, додека пак Ердоган истакна дека „не постои толку голем проблем меѓу Турција и Грција што не би можел да се реши“. 

Освен за прашањата за кои е познато дека двајцата лидери имаат различни ставови, на прес-конференција Мицотакис и Ердоган влегоа во дијалог околу Хамас. 

Мицотакис во неговата изјава рече дека е „терористичка организација“, на што турскиот претседател одговори дека е „организација на отпорот, која се бори за своите територии“ и дека не го прифаќа терминот „терористичка организација“. 

-Господине претседателе, да се согласиме дека по ова прашање не се согласуваме, но да се согласиме дека се согласуваме за потребата во овој момент да постои итен прекин на огнот и пред сè, да се заштитат палестинските цивили, кои се неправедните, големите жртви на оваа војна, порача Мицотакис. ср/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан