• недела, 22 декември 2024

Екологистите во БиХ добија пресуда во борбата против проектот кој ја загрозува Неретва

Екологистите во БиХ добија пресуда во борбата против проектот кој ја загрозува Неретва

Бања Лука, 30 август 2024 (МИА) - Окружниот суд во Бања Лука ја поништи градежната дозвола за изградба на хидроелектраната „Дабар“ во источна Херцеговина врз основа на проценката дека нејзината изградба би имала негативно влијание врз животната средина, особено врз реката Неретва, која поради намалениот доток на слатка вода би била изложена на опасност од засолување.

Оваа пресуда ја објави невладината организација Aarhus центар БиХ, која го тужеше Министерството за просторно уредување, градежништво и екологија на Република Српска за решението со кое беше одобрена изградба на инфраструктурни објекти на хидроелектраната „Дабар“ ДОО Требиње, на сливот на реката Заломка, во рамките на проектот Горни Хоризонти.

Проектот беше замислен за производство на електрична енергија преку пренасочување на сливовите на реките Заломка, Буна, Буница и Брегава, кои се влеваат во Неретва.

Еколозите со години предупредуваат дека ваквите активности би предизвикале непоправлива еколошка штета и би го загрозиле биолошкиот минимум на овие реки, а директните последици би се почувствувале во долниот слив на Неретва, каде морската вода би продрела многу подлабоко во коритото на реката, значително влијаејќи врз растителниот и животинскиот свет, како и врз земјоделството од кое зависи овој регион.

Судот во Бања Лука ги прифати аргументите на Aarhus центар БиХ дека одобрувањето на изградбата на хидроелектраната „Дабар“ било спротивно на важечките закони, вклучувајќи го и законот за заштита на животната средина и Aarhus конвенцијата, на која БиХ е потписник.

Проценката за влијанието врз животната средина, која е основа за издавање на еколошката дозвола, не била соодветно спроведена, а еколошката дозвола била издадена пред завршувањето на потребните истражувања.

Утврдено е дека проектот Горни Хоризонти ги крши одредбите на најмалку три меѓународни конвенции насочени кон зачувување на животната средина и заштита на природните живеалишта.

Овој проект се разгледуваше уште во поранешна Југославија и предвидуваше големи зафати во сливот на реката Требишњица, каде би се изградиле дури седум хидроелектрани и шест акумулациски базени, како и низа канали и тунели. ссм/

фото: архива

Остани поврзан