• понеделник, 23 декември 2024

Екодебата за климатските промени и Европскиот зелен договор

Екодебата за климатските промени и Европскиот зелен договор
Скопје, 4 април 2022 (МИА) - „Европскиот зелен договор: повеќе од климатски промени“ беше тема на втората од дебатите инспирирани од тековната изложба „Розeви тигри и златни гуштери и што уште не“ што се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Климатските промени и што по нив - беше во фокусот на разговорите, овој пат инспирирани од делото „Beyond: Reptiles 2021“ на уметникот Велимир Жерновски, еден од шестемина автори вклучени во поставката што ќе биде отворена во резиденцијата до 20 мај. Изложбата ја организира Делегацијата на ЕУ во соработка со галеријата „Акантус“. На дебатата, како што информираат од Делегацијата на ЕУ, покрај уметникот Жерновски, учествуваа и кураторот Дијана Томиќ-Радевска, Теодора Грнчаровска, државен советник во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Чоловиќ-Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје, Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени, Гент Салихи, млад европски амбасадор од иницијативата на ЕУ и повеќе студенти од државни и приватни факултети во земјава. Домаќини беа ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир и Пол Бускот, а дебатата ја модерираше Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“. Бускот ги воведе присутните во изложбата и поединечно ги претстави делата на Жерновски, Маја Кировска, Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ (заеднички проект), Ненад Тонкин и Озбек Ајваз. Акцентот беше ставен на инсталацијата на Жерновски - 3Д-принт изработен од акрил и златни ливчиња. Инсталацијата има иконографски пристап и секвенционира надреалистични претстави на гуштери од видот леопард геко. Претставите на гуштерите се продукт на реупотреба на материјали од пластичен отпад и од пченкарни лисја. Аранжирани на црна заднина, кружно, ја претставуваат математичката бесконечност. - Изложбата е основа за дебатите за Зелениот договор и ќе отвораме прашања, што можеме да сториме во врска со тоа во нашето општество, објасни Бускот. Евроамбасадорот Гир ги поздрави присутните и рече дека дневнополитичките настани во светот се важни, но не треба да нè дефокусираат од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото – климатските промени, деградацијата на животната средина и колапсот на биодиверзитетот. - Затоа, користејќи го медиумот на уметноста, да зборуваме за различните аспекти што се однесуваат на сиве овие предизвици - рече Гир. Претставниците на институциите и на невладиниот сектор отворија конструктивна дебата за состојбите на локално и на централно ниво во земјава, што прават граѓанските организации, какви се обврските кон меѓународната заедница и конвенциите што нашата земја ги има ратификувано. Според Грнчаровска, секогаш е предизвик да се зборува за климатските промени, но и да се дејствува. Темата е комплексна и опфаќа многу ресори – економија, финансии, земјоделство, шумарство и водостопанство, транспорт и врски, локална самоуправа. - Климатските промени и Зелениот договор го засегаат целото општество, но за жал, проблемите секогаш се адресираат до Министерството за животна средина и просторно планирање. Малкумина прашуваат како ние се справуваме со проблемите во однос на капацитетот на кадар, креирање, предлагање и туркање политики. Неопходна ни е инфраструктура – административна поделеност, делегирана должност, ангажирање писмен кадар на национално и на локално ниво. И најважно од сè, државата да реши дека Зелената агенда ѝ е приоритет за да се креираат мудри политики базирани на наука. Да не си замислуваме желби што ќе ги ставаме само на хартија и таму ќе останат, туку реално да се оцени ситуацијата и да се креираат политики што ќе бидат одржливи. Свесни сме за слабостите, вели Грнчаровска. Според Чоловиќ-Лешоска, 70 отсто од енергијата што ја користиме се добива од термоелектричните централи. Кога тие работат без филтри, се зголемува нивото на сулфур диоксид и јаглерод диоксид, аерозагадувањето е огромно, не може да се контролира и се шири и во земјите од соседството. Решението е во трансформација на енергетскиот систем, наместо фосилни горива, да се користат обновливи извори на енергија. - Можеби е бавно, но има напредок во легислативата. Ако во 2012 година сме рекле дека стратегија ни е да продолжиме со користење фосилни горива, веќе во стратегијата во 2019 година сме се определиле за обновливи извори на енергија. Ние сме мала земја во развој, но не може да го жртвуваме плодното земјиште за енергетски развој. Оваа мала земја е многу богата со биодиверзитет и имаме обврска да го заштитиме и чуваме за идните генерации, рече Чоловиќ-Лешоска. „Еко-свест“, Македонската академија на науките и уметностите и The Nature Conservancy веќе работат на изработка на ГИФ-карти што ќе ги покажуваат најпогодните места за поставување фотоволтаици и ветерници. Следниот чекор е изработка на ГИФ-карти за неплодни земјишта. Според Грнчаровска, ова е одличен проект чии податоци ќе бидат добредојдени во изработката на новиот просторен план. Станојевска-Пецуровска се осврна на поглавјето 27 и 10. потсектори што произлегуваат од него. Станува збор за огромна материја. Нашата земја прво треба да ги усогласи законите со европското законодавство и потоа сето тоа да го имплементираме. Според неа, имаме одлични закони за животната средина, но слабо стоиме со законодавството за климатски промени. Студентите генерално посочија дека овие теми се малку или воопшто не се застапени во програмите што ги изучуваат, ниту на техничките ниту на правните факултети, а тоа што го учат е со застарена содржина. Гент Салихи, млад ЕУ-амбасадор, смета дека во стратешките документи се носат лоши политики кои одамна се напуштени во развиените земји. На тоа се надоврза Томиќ-Радевска, која запраша како општините субвенционираат електрични тротинети чии литиумски батерии нема начин да се рециклираат. Дополнително, таа појасни дека сите застапени уметници на изложбата подолго време во своето творештво третираат прашања поврзани со планетата, здравата животна средина, климатските промени. Актуелните дела се резултат на нивните претходни уметнички истражувања. - Гуштерите и нивната способност да се регенерираат се тајна која научниците допрва ќе ја откриваат. Изложбата е апел да се замислиме што сме направиле, кои сме ние, супериорниот вид на Земјата, и како ги заборавивме законите на природата? Ние ја гориме библиотеката на животот, рече Томиќ-Радевска. Модераторката Јовановска заклучи дека можеби нештата кај нас се случуваат бавно, но свеста на јавноста е разбудена за климатските промени. - Ако пред 20 години било проблем да зборуваме за климатски промени, денес дебатираме на оваа тема. Мора да се надеваме дека свесноста ќе влијае да спречиме поголема еколошка деградација, рече Јовановска. мд/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан