• понеделник, 25 ноември 2024

Едукативен настан за создавање дабови садници и биокоридори „Да ја обновиме шумата за рисот“

Едукативен настан за создавање дабови садници и биокоридори „Да ја обновиме  шумата за рисот“

Скопје, 26 октомври 2024 (МИА) - Во Градскиот парк во Скопје денеска Македонското еколошко друштво организира едукативен настан за создавање дабови садници, а биолозите од друштвото ќе одржат предавање како граѓаните можат сами да создадат дабови садници за пошумување на биокоридори.

Најавено е и присуство на Јане Димески од „Шума во градот“ кој веќе долги години се занимава со граѓанска наука и создавање на садници.

На овој настан, сите присутни граѓани ќе имаат можност да научат како од собраните желади под стеблата на дабовите дрва, може да создадат сопствени садници во саксии направени од стари весници. По една година, овие садници ќе можат да се засадат во природа, придонесувајќи кон обновата на шумите.

- Сакаме да го доближиме човекот од градот до природата. Знаеме дека рисот е омилено животно на многумина, иако ретко кој успеал да го види во природа. Затоа сакаме да создадеме спој помеѓу љубовта која народот ја има за балканскиот рис и неговиот опстанок кој е директно поврзан со создавањето на биокоридори. Граѓаните со тоа што ќе создадат дабови садници, кои потоа ќе бидат засадени на точно определни локации кои експертите ги имаат утврдено како биокоридори за балканскиот рис, ќе му помогнат на ова животно полесно да се движи, лови и размножува, вели Искра Манојлоска, координаторка за комуникации во Македонското еколошко друштво.

Садниците ќе бидат засадени во регионот Буковиќ, кој е од витално значење како биолошки коридор за балканскиот рис, кој е на врвот на мрежата на исхрана во која дел се и зајакот, лисицата, срната, мечката...

Овој настан се организира со поддршка на проектот „Иницијатива северни шуми“ што се реализира заедно со PPNEA и Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, и е целосно е поддржан од Шведската поштенска фондација.

МЕД ги очекува граѓаните да се приклучат кон заедничката акција за зачувување на природата. цр/лв/

Фото: МЕД

Остани поврзан