Народниот правобранител повика на забрзана интеграција и еднакви можности за Ромите
- По повод 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите, народниот правобранител Фатон Сељами упати апел за надминување на стереотипите, укинување на сегрегацијата и обезбедување еднакви можности за припадниците на ромската заедница, нагласувајќи дека образованието е клучно за нивна целосна интеграција во општеството.
Скопје, 8 април 2026 (МИА) - По повод 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите, народниот правобранител Фатон Сељами упати апел за надминување на стереотипите, укинување на сегрегацијата и обезбедување еднакви можности за припадниците на ромската заедница, нагласувајќи дека образованието е клучно за нивна целосна интеграција во општеството.
Во соопштението Сељами нагласува дека еднаквоста и пристапот до сите права и услуги што ги гарантира државата треба да бидат принцип што важи за сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност.
- Еднаквоста, пристапот до сето она што го гарантира државата, мора да биде принцип што ќе важи за сите, без разлика на која етничка заедница припаѓаат. Сегрегацијата во училиштата и дискриминацијата мора да ја оставиме далеку зад нас доколку сакаме да зборуваме за мултикултурно општество - наведува тој.
Посебен акцент народниот правобранител става на образованието како клучен фактор за подобрување на животните услови на ромската заедница.
- Местото на ромските деца е во училишните клупи, не на улиците, како што, за жал, покажуваат нашите истражувања. Токму затоа секој фактор во нашата држава мора максимално да се залага оваа состојба да се надмине - дополнува тој.
Сељами оценува дека токму преку квалитетен и инклузивен образовен процес се отвора патот кон целосна интеграција на сите етнички заедници, вклучително и Ромите.
- Без тоа, не можеме да зборуваме за просперитетна и правна држава, која сите ќе ја чувствуваат како свој дом - се вели во соопштението на народниот правобранител. ар/вг/
Фото:МИА архива