• сабота, 21 декември 2024

До раните утрински часови навивачите на Олимпијакос го славеа триумфот во Конференциската лига

До раните утрински часови навивачите на Олимпијакос го славеа триумфот во Конференциската лига

Атина, 30 мај 2024 (МИА) – Сонот стана реалност за грчкиот фудбалски тим Олимпијакос, но и за навивачите на „црвено-белите“, освојувајќи го првиот европски трофеј во историјата на клубот, откако синоќа со гол во продолжението ја совладаа Фиорентина во финалето на Конференциската лига, а триумфот во Пиреас се славеше до раните утрински часови, јави дописничката на МИА од Атина.

Илјадници навивачи на Олимпијакос, кои не обезбедија билети за натпреварот, финалето го следеа организирано, преку гигантски видео бимови поставени на три локации во атинското предградие Пиреас од каде што е и клубот и каде што кулминираше прославата.

Неколку часа по завршувањето на натпреварот, играчите, со отворен двокатен автобус, стигнаа во Пиреас, а навивачите им приредија импресивен пречек.

Автобусот беше подготвен уште пред почетокот на натпреварот, според фотографиите објавени на социјалните мрежи, а со последниот свиреж на судијата, започна славењето, плоштадот пред општинскиот театар во Пиреас „гореше“, особено по пристигнувањето на играчите, тренерот и останатите членови на тимот, но и сопственикот Вангелис Маринакис.

Традиционално, со „We are the champions“ на Квин беше кренат пехарот заедно со навивачите на „црвено-белите“.

Но, не само Пиреас туку и други грчки градови беа обоени во црвено, каде што се славеше европската титула.

Честитки, преку социјалните мрежи, упатија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, претседателката Катерина Сакеларопулу, министри од Владата, како и лидерите на партиите, додека пак претседателот на СИРИЗА Стефанос Каселакис, натпреварот го следеше од трибините на „АЕК арена“.

Вчерашното финале од УЕФА Конференциската лига што се одржа во атинската населба Неа Филаделфија, помина во најдобар ред, без никакви проблеми.

Фото: ФК Олимпијакос

Остани поврзан