Донацијата од „Ероп ред" од Францијa дистрибуирана до младите франкофони од ООУ „Свети Јоаким Крчовски” во Крива Паланка
- Донацијата од училишен материјал, спортска опрема, гардероба и хигиенски средства од францускиот караван „Ероп ред" што петти пат ја посети Крива Паланка во рамки на европската тура на солидарност минатиот месец, е дистрибуирана до младите франкофони од Основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски“.
Крива Паланка, 6 септември 2025 (МИА) - Донацијата од училишен материјал, спортска опрема, гардероба и хигиенски средства од францускиот караван „Ероп ред" што петти пат ја посети Крива Паланка во рамки на европската тура на солидарност минатиот месец, е дистрибуирана до младите франкофони од Основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски“.
Професорката по француски јазик од оваа училиште, Елена Николовска истакна дека донацијата претставува голем поттик и предизвик за учениците континуирано да го изучуваат и усовршуваат францускиот јазик и во иднина.
-Нашите европски пријатели од Франција од караванот на солидарност „Europ Raid“ што го сочинуваат млади авантуристи кои патуваат низ светот со автомобили „Пежо 205", запознавајќи ги природните убавини, културата, традицијата и кулинарството на дваесетина европски земји, и годинава ја посетија Крива Паланка во рамки на својата хумана мисија, донирајќи за децата во градовите што ги посетуваат, а Крива Паланка беше единствен македонски град-домаќин на караванот. Донацијата се состоеше од 1,8 тони - училишен материјал, медицинска и спортска опрема, хигиенски средства, облека, обувки, француска литература и разновидни друштвени игри за изучување на францускиот јазик. Целокупната донација во текот на изминатата недела, на самиот почеток на учебната година, беа доставени до младите франкофони од нашето училиште од централниот објект и подрачните училишта во руралните средини, рече Николовска.
Донираната опрема е селектирана и распределена по категории до сите франкофони и ученици од подрачните училишта каде се изучува францускиот јазик како втор странски јазик, како и ученици од ранливите категории.
-Сите овие ученици добија ранчиња со разновиден училишен материјал, спортска опрема, облека и хигиенски средства како и дополнителни резерви училишен материјал кој ќе можат да го користат во текот на целата учебна година. Благодарност до Општина Крива Паланка и институциите кои се вклучија во реализација на овој настан. Упатувам огромна благодараност до екипите на „Europ Raid“ кои поминаа илјадници километри за да донираат опрема во училиштата низ Европа и во нашето училиште. Голема благодарност до Амбасадата на Франција за постојаната соработка, несебичната поддршка и избор на Крива Паланка да биде град-домаќин на овој настан, како најголема македонска франкофонска лулка, истакна Николовска. ид/фф/
Фото: ООУ „Свети Јоаким Крчовски"