• недела, 07 јули 2024

Директорот на БЈБ Тасевски на состанок на шефовите на полициските служби во рамки на процесот Брдо во Словенија

Директорот на БЈБ Тасевски на состанок на шефовите на полициските служби во рамки на процесот Брдо во Словенија
Скопје, 18 ноември 2022 (МИА) - Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи, Сашо Тасевски учествува на состанокот на шефовите на полициските служби во рамки на процесот Брдо, кој вчера и денеска се одржува во Порторож во Словенија. Како што соопшти МВР, на состанокот беше истакнато дека зајакнувањето на соработката на земјите од ЕУ со државите од Западен Балкан и европските агенции, како ЕВРОПОЛ и ФРОНТЕКС, е од круцијална важност со оглед на појавата на нови  миграциски патишта и состојбите со илегалната миграција и криумчарењето на мигранти. Тасевски во своето обраќање пред присутните колеги истакна дека Министерството за внатрешни работи во целост ги поддржува и активно учествува во иницијативите во рамки на процесот Брдо и дека единствено преку постојано зајакнување на заедничката оперативна соработка и побрза и поефикасна размена на информации на билатерално и мултилатерално ниво можеме да ја обезбедиме стабилноста и безбедноста на нашите држави и граѓаните. Работниот престој во Порторож, Тасевски го искористи и за билатерални средби со министерката за внатрешни работи на Словенија, Татјана Бобњар и со вршителот на должност генерален  директор на словенечката полиција Боштјан Линдав, при што, како што се наведува, главни теми на средбите беа состојбите со миграцијата на Западен Балкан и во регионот.
- Министерката за внатрешни работи на Република Словенија изрази подготвеност и поддршка за земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ и го истакна значењето од соработката помеѓу земјите во рамки на Брдо процесот, потенцирајќи дека новите модуси на криумчарење наложуваат креирање на нови иницијативи за справување со нив, се наведува во соопштението.
Генералниот директор на словенечката полиција Линдав на средбата со Тасевски, пак, рече дека токму воспоставувањето на национални оперативни контакт точки и наменска мрежа во рамки на Брдо процесот ќе бидат од голема важност за зајакнување на соработката  на меѓуинституционално ниво и постигнување на конкретни резултати во борбата со криумчарите на мигранти. мд/сп/

Остани поврзан