• недела, 22 декември 2024

Грчки дипломатски извори: Герапетритис на ГАК укажал на јасното толкување на Договорот од Преспа што важи за сите (ерга омнес)

Грчки дипломатски извори: Герапетритис на ГАК укажал на јасното толкување на Договорот од Преспа што важи за сите (ерга омнес)

Атина, 24 јуни 2024 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во неговото излагање на денешниот Совет за надворешни работи (ГАК) во Луксембург го споменал „престапното однесување на Скопје од изборите и потоа“ и укажал на „јасното толкување на Договорот од Преспа што важи за сите (ерга омнес)“, брифирале грчки дипломатски извори за медиумите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите извори, на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската Унија, шефот на грчката дипломатија посочил дека „селективната примена на меѓународното право е недозволива“, но и истакнал дека иднината на Западен Балкан е во Европа, под основен услов „верно почитување на европското законодавство и меѓународното право“.

На работниот ручек на шефовите на дипломатиите на Унијата со нивните колеги од земјите од Западен Балкан, Герапетритис повторил дека европската перспектива е пат во една насока, но треба да се заснова на критериумите и постигнувањата на самите државите на три нивоа: европското законодавство; почитување на фундаменталните правила, демократијата, владеењето на правото, заштитата на малцинствата и верна примена на меѓународното право.

Дополнително, според истите дипломатски извори за медиумите во Грција, по грчка интервенција и брзите дипломатски дејствија, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, во неговото излагање, јасно повторил дека принципот pacta sunt servanda (договорите се обврзувачки и треба да се почитуваа) е предуслов за европската перспектива на Западен Балкан. ср/са/

Остани поврзан