• вторник, 24 декември 2024

Граѓански активизам за унапредување на социјалните услуги за деца со попреченост во општина Чешиново-Облешево

Граѓански активизам за унапредување на социјалните услуги за деца со попреченост во општина Чешиново-Облешево

Кочани, 27 март 2024 (МИА) – Граѓански активистки од општина Чешиново-Облешево реализираат активности за подобрување на условите и унапредување на услугите за децата со попреченост, за кои досега на локално ниво нема скоро никаква институционална грижа. Нивна цел е да се активира Локалната самоуправа за соработка со останатите општини заради креирање локални политики што ќе водат кон остварување на правата на овие деца.

Граѓанската ревизија „Унапредување на социјалните услуги за деца со попреченост во општина Чешиново-Облешево" се спроведува во рамки на програмата Girls power, како дел од проектот на граѓанската организација СИГА. Еден од главните приоритети е воспоставување на социјална услуга за децата со попреченост преку отворање Дневен центар во Општина Чешиново-Облешево и обезбедување стручни лица кои ќе работат со нив.

- Во нашата општина нема дневен центар којшто ќе ги задоволи потребите на децата со попреченост, па нивните родители се принудени да ги носат во околните центри за да ги добиваат услугите. Проблемот е навистина голем и ние опфативме неколку институции, а со вклучувањето на Општината очекуваме дека ќе успееме да го довршиме проектот во целост. Во него се опфатени лицата до 26-годишна возраст, имавме активности и во детските градинки „Кокиче“ и „Ѕвездички“, а спроведовме и прашалник со кој се добиени клучните точки на кои треба да се насочи работата на Општина Чешиново-Облешево, потпомогната од Министерство на труд и социјална политика. Целта е да им се помогне на семејствата и родителите да добијат и финансиска и психолошка поддршка за да им посветат соодветна грижа на своите деца, истакна Сања Тасова, граѓанска активистка на Girls power.

Сознанијата од мапирањето што го спровеле активистките на Girls power се дека во општина Чешиново-Облешево има 16 деца со попреченост и постои потенцијал и простор за преземање активности што ќе направат позитивни промени во квалитетот на нивниот живот и на нивните семејства.

Меѓу приоритетните задачи е да се обезбеди бесплатен превоз до најблискиот дневен центар, како и да се зголеми паричниот надоместот за децата со попреченост. Исто така, потребно е да се воспостават дневни социјални услуги, активности за вклучување во заедницата, оформување група за самопомош, како и локални политики за вклучување на пазарот на трудот на родителите на деца со попреченост.

Активностите се поддржани од Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ, во рамки на регионалниот проект ,,Социјално вклучување на ранливите групи на Западен Балкан”. та/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан