• понеделник, 23 декември 2024

Втората половина од годината можен почеток на монетарно олабавување, Народната банка препорачува да продолжи фискалната консолидација

Втората половина од годината можен почеток на монетарно олабавување, Народната банка препорачува да продолжи фискалната консолидација

Скопје, 13 мај 2024 (МИА) - Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска денеска најави можен почеток на монетарно олабавување во втората половина од годината, но само ако и натаму, како што рече, останат поволни клучните фактори.

-Ризиците постојат, пред се е тука глобалниот контекст, ги гледаме геополитичлките тензии, секако има и домашни фактори кои упатуваат на потреба за одредена внимателност и од овие причини ние се уште не сме почнале со монетарно олабавување. Гледано перспективно, со оглед на нашата стратегија за одржување стабилен девизен курс на денарот, два клучни фактора ќе го детерминираат моментот кога би почнале со циклусот на олабавување: нивото на девизни резерви (движењето на девизниот пазар кои заега се поволни), но и инфлациските очекувања. Третиот фактор е секако, однесувањето на Европската централна банка. Генерално, со оглед дека трендовите во клучните пунктови кои го детерминираат просторот на монетарната политика засега се поволни, ако овие трендови продолжат без да има некоја поголема материјализација на ризици, во втората половина од годината постои простор за почеток на монетарно олабавување, рече Ангеловска-Бежоска, одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на најновите макроекономски проекции. 

Во врска со јавниот долг и буџетскиот дефицит, гувернерката уште еднаш ја нагласи потребата од продолжување на фискалната консолидација. 

-Евидентно е дека дојде до значајно зголемување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг особено во пандемиската 2020 година. Според последните податоци, јавниот долг минатата година е над 60 отсто од БДП. Клучно во ваква ситуација е фискална консолидација, а за таа да се направи еден од клучните фактори е намалување на буџетскиот дефицит. Гледаме одредена патека на намалување на буџетскиот дефицит, а согласно среднорочната фискална стратегија предвидено е тоа да продолжи и дефицитот да се сведе на нешто под три проценти. Според нас, клучно е да продолжи фискалната консолидација, истакна Ангеловска-Бежоска.

Осврнувајќи се на макроекономската стабилност, треба да се види, напомена, и која е визјата на новата влада за фискалната патека на среден рок. мч/аа/

фото/видео: МИА

 

 

Остани поврзан