• петок, 22 ноември 2024

Во близина на малиот грчки остров Гавдос спасени 69 мигранти

Во близина на малиот грчки остров Гавдос спасени 69 мигранти

Атина, 3 септември 2024 (МИА) – Во морскиот дел,  26 наутички милји јужно од островот Гавдос, товарен брод што се наоѓал во близина спасил 69 мигранти што се превезувале со чамец, информираа од грчката крајбрежна служба, јави дописничката на МИА од Атина.

Спасените мигранти биле безбедно пренесени на пристаништето на островот Крит.

Гавдос е мал остров во непосредна близина на Крит, претставува најјужната точка на Грција, а во изминатиот период зголемена е фреквенцијата на чамците со мигранти во морскиот дел околу островот.

Во текот на вчерашниот ден, откриени биле и уште 24 мигранти во два одвоени случаи во близина на островите Родос и Лерос.

На Родос, бил откриен глисер во моментите додека на островот оставал 13 лица, меѓу кои и четири деца, кои се обиделе да побегнат, но подоцна биле откриени.

На Лерос биле откриени 11 мигранти и уапсен криумчар кој со глисерот во кој ги превезувал лицата се обидел да му побегне на патролниот брод на крајбрежната служба, не застанал на сигналите и ја зголемил брзината, а по потерата бил уапсен. ср/ми/

Остани поврзан